Компанијата „TerraPower“, основана од ко-основачот на „Microsoft“ Бил Гејтс и „Rolls-Royce“ изразија интерес за изградба на мали модуларни реактори (SMR – small modular reactors) во Северен Велс.
Мали модуларни реактори се нуклеарни реактори со капацитет до 300 MW, што е околу една третина од капацитетот на конвенционалниот нуклеарен реактор. Тие се засновани на модуларна технологија која овозможува сериско производство и брза изградба.
Застапниците на оваа технологија тврдат дека веројатноста за прегревање на јадрото на малите нуклеарни реактори е значително помала во споредба со конвенционалните реактори, меѓу другото затоа што нивните мали јадра произведуваат многу помалку топлина од јадрото на конвенционалните реактори. Иновативните технологии можат да ги намалат и другите инженерски ризици, како што е дефект на пумпата за течноста за ладење.
Развојната компанија Cwmni Egino, основана од владата на Велс, неодамна ја заврши првата фаза од студијата за одржливост на локацијата на деактивираната нуклеарна централа во Травфајнид. На таа локација планот е да се изградат мали модуларни реактори кои би произведувале вкупно до 1 GW електрична енергија.