Членот на претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ вечерва изјави дека Шефик Џаферовиќ и тој морале да ја одбијат средбата со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Според него, изненадува протоколот на шефот на руската дипломатија за време на неговата посета на Босна и Херцеговина.
„Според мене, за жал, вака мораше да реагираме. Ние не сме за тоа да имаме лоши односи со Русија. Основен ред е да покажеме почит кон институциите за време на официјалната посета. Тоа не се случи, што е индикативно. Лавров и претходно доаѓаше во посета порано на БиХ и немаше вакви ситуации. Со оглед на тоа дека станува збор фигура која е врв на светската дипломатија, потезите што тој ги направи се пораки. Нека не ве залажува, тоа беа прецизни пораки испратени кон БиХ. Тие отстапуваат од она што го видовме порано, а тоа е дека се навреда за институциите во БиХ“, изјавил Комшиќ за ТВ Хајат.
Тој ги коментирал и реакциите што следуваале по откажувањето на средбата со Лавров, пренесува „Кликс.ба“.
„Имам чиста совест во врска со оваа одлука. Можевме да сториме поинаку, но не би ималечиста совест. Луѓето кои ја сакаат оваа земја очекуваа вакво нешто. БиХ е таква што нема консензус за многу работи“, изјавил Комшиќ и додал:
„Овие одлуки се тешки, но мора да се исправи ‘рбетот и да се каже не. Овој потег нè подигнува на повисоко ниво на интерес од пријателските земји и кои ќе регистрираат какви се интересите на Русија на Балканот. Тука се одвива малку поголема битка отколку што чувствуваме во БиХ“, рекол Комшиќ.