Министерот за надворешни работи на БиХ Елмедин Конаковиќ денеска на прес-конференција во Сараево изјави дека БиХ ќе побара од српскиот претседател Александар Вучиќ, од министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и од српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ да се изјаснат дали го поддржуваат протерувањето во петок на германската министерка за европски прашања и клима, Ана Лирман од Република Српска (РСР).
„Додик ги информирал своите соработници за протерувањето и заканите на министерот Лирман и тврдел дека има поддршка од Србија. Бараме изјава од Вучиќ, Дачиќ и Ѓуриќ дали го поддржуваат ова? Додик во разговорот со своите соработници побарал согласност од Србија“, рече Конаковиќ на вонредна прес-конференција.
Тој оцени дека е „индикативно“ што дипломатскиот скандал со протерувањето на германската министерка се случи истиот ден кога Дачиќ и вицепремиерот на српската влада во технички мандат Александар Вулин беа во Бања Лука на прославата на Денот на полицијата на РС.
Конаковиќ го нарече протерувањето на германската министерка Лирман од РС „терористичка закана од Милорад Додик за избраниот министер на германската влада, кој ги има сите права според Виенската конвенција“.
Ќе испратиме писмо до лидерите на ЕУ Каја Калас и Урсула фон дер Лајен, лидерите на сите земји од ЕУ и САД, Велика Британија и ЕУФОР.
Тој рече дека има информации дека директорот на полицијата на РС Синиша Кострешевиќ и министерот за внатрешни работи на РС Синиша Каран „не биле за такво сценарио“, туку директно од Додик добиле наредба за протерување на германската министерка.
„Виенската конвенција предвидува заштита на обезбедуваните лица. За овие кривични дела се предвидени и казни од шест месеци до пет години“, посочи Конаковиќ.
Министерката Лирман вчера објави дека мора да ја напушти Бања Лука бидејќи „претставниците на Додик и се заканувале со насилство“.
Претходно, Владата на РС ја прогласи Лирман за „персона нон грата“ поради одлуката на Германија и Австрија да му забранат влез во тие земји на Додик, на претседателот на Парламентот на РС, Ненад Стевандиќ и на премиерот на ентитетот Радован Вишковиќ.
Министерот за надворешни работи на БиХ Елмедин Конаковиќ денеска изјави дека очекува судството да реагира и да го забрза процесот за апсење на Милорад Додик, додавајќи дека ЕУФОР има мандат да помогне во апсењето.