Скопскиот дувачки квинтет денеска ќе настапи во Виена во познатата катедрала Св. Ана (Annakirche) во центарот на градот Виена, а утре со концерт ќе се претстави во Мурска Собота (Словенија). На концертите во Австрија и во Словенија, Скопскиот дувачки квинтет ќе се претстави со дела од светската литература за ваков камерен состав како и дела од македонски автори.
Концертите се реализираат со поддршка од Министерството за култура, како и македонската амбасада во Виена и македонскиот почесен конзулат во Словенија.
Скопскиот дувачки квинтет е еден од најстарите камерни состави во Македонија кој опстојува повеќе од 40 години и во кој сега настапува третата генерација на истакнати музичари и тоа: Марија Јакимовска – флејта, Васил Атанасов – обоа, Ристо Ѓоревски – кларинет, Орце Ицковски – фагот и Александар Гошев – хорна.
Во 2019 година Скопскиот дувачки квинтет ја доби наградата „Златна лира” – највисоко признание кое го доделува Сојузот на музички уметници на Македонија (СМУМ) за животно дело и врвни уметнички достигнувања.