Министерот за финансии, Фатмир Бесими денеска учествувал на заедничка научна конференција на ресорното министерство и МАНУ, на тема „Предизвиците на фискалната политика во периодот на пандемијата од Ковид-19 и перспективи во посткризниот период“.
„Нашата цел за идниов период е забрзување на економскиот раст на стапки од 5% и со тоа да ја оствариме крајната цел – подобрување на условите и на животниот стандард за сите наши граѓани“, изјавил Бесими на конференцијата, на која со научни трудови учествувале над 30 еминентни економисти, како и претставници на Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и Европската комисија.
„Видувањата и анализите за тековната економска состојба и идните политики на нашите академици и професори – меѓу кои и неколку поранешни министри за финансии, актуелен гувернер – се од исклучителна вредност. Преку размена на мислења, идеи и конструктивна дебата со академската заедница, ја вклучуваме и научната фела во креирањето на идните стратегии и политики и ќе направиме важен исчекор во стратегијата за заздравување и забрзан раст на економијата“, објави Бесими и дополни дека наодите на академската заедница и меѓународните експерти ќе бидат земени предвид при подготовката на ребалансот за оваа година, Буџетот за 2022 година и фискалната стратегија воопшто.
Академик Таки Фити препорачува да не се чепка ДДВ-то за да не се удри врз најсиромашните, а борбата против сивата економија и даночната евазија да се зсили. Предупреди дека постојат ризици од нова рецесија која дополнителн би ја исцедила буџетската каса па затоа се потребни издржливи политики.
„Јас сум за тоа да има прогресивно оданочување, но кај персоналниот данок на доход. Јас сум против прогресивно оданочување на фирмите. Веќе има определено зголемување на даноците на имот, што е оправдана мерка и евентуално треба да се размисли во иднина дали ќе имаме еколошки даноци и што ќе значат тие од аспект на зголемување на даночниот товар. Но – делумно преку зголемување на даноците а повеќе преку другите мерки“, вели Фити.