Концерт на Коцевска и Гелебешев во Софија

од Vladimir Zorba
153 прегледи

Во концертната сала на Музеј „Борис Христов“ во Софија вечер од 18.30 часот ќе настапат мецосопранот Александра Коцевска и пијанистот Глигор Гелебешев. Настанот е дел од Годишната програма на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија.

Како што соопшти КИЦ на РМ во Софија, на вечерашниот концерт во бугарската престолнина Коцевска и Гелебешев ќе изведат дела од Шопен, Стојков, Рахмањинов, Чајковски.

Александра Коцевска­ своето музичко образование го оформила во Скопје и од 2006 почнала педагошка кариера во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј”. Како наставник по соло-пеење бележи голем број успеси со своите ученици на бројни натпревари и често била поканувана да членува во жирија на меѓународни натпревари. Во 2011 доби награда за повеќегодишна успешна работа во областа на уметничката педагогија од Здружението на музички и балетски педагози на Република Македонија, а од 2015 се враќа на концертните подиуми.

Глигор Гелебешев својата уметничка наобразба ја почнал во својот роден град Гевгелија. Студирал на Академијата на уметности во Нови Сад, а по магистрирањето на ФМУ во Скопје почнал карирера како солист и камерен музичар. Има настапувано на голем број концерти во земјава и странство и реализирал повеќе трајни снимки за МРТ. Во 2001 година со својата сопруга Катерина Гелебешева-Костадиновска формираа пијано-дуо Гелебешеви. За високи уметнички дострели дуото во 2012 ја доби наградата „Златна лира“ од Сојузот на музичките уметници на Македонија.

Слични содржини