По двонеделните протести на камионџиите во Канада против задолжителната вакцинација, позната како „Конвој на слободата“, премиерот на Онтарио Даг Форд денеска прогласи вонредна состојба во Онтарио.
Премиерот Форд прогласи вонредна состојба откако демонстрантите продолжија да затвораат важни делови на Отава, како и многу важен мост за трговија меѓу Канада и Америка.
Според него, воведувањето на вонредна состојба значи дека блокирањето на клучната инфраструктура на Онтарио отсега ќе биде нелегално.
„Ќе има последици, и тие ќе бидат сериозни“, рече премиерот, објаснувајќи дека наредбата ќе важи за „сите што го попречуваат движењето на стоки, луѓе и услуги долж меѓународните гранични премини, аеродромите, пристаништата и главните автопати“, пренесува Би-Би-Си.
Демонстрантите на Конвојот за слобода може да се соочат со затворска казна до една година и парични казни од 100.000 долари.
Да потсетиме, протестот на камионџиите во Канада наречен „Конвој на слободата“ ги изнесе на улица луѓето кои се противат на задолжителната вакцинација против коронавирусот и трае веќе 14 дена.
Водачите на движењето на камионџиите рекоа дека немаат намера да ги чистат улиците и дека се подготвени да се спротивстават на властите додека премиерот Џастин Трудо не се откаже од барањата за вакцинација.
Тие бараат и смена на владата на Трудо, иако таа е одговорна за воведување само неколку мерки. Повеќето анти-ковид мерки во Канада се воведени од провинциските влади.