Договорот од Преспа и важноста на неговата конзистентна имплементација со добра волја, како и интеграцијата на земјите од Западен Балкан во европските и трансатлантските институции се дел од заедничкото соопштение по одржаниот втор круг на стратешкиот дијалог меѓу САД и Грција, jави дописничката на МИА од Атина.
Стратешкиот дијалог, како што соопштуваат, ја потврдува заемната желба на Грција и САД за продлабочување на соработката во неколку области како што се регионалната соработка, одбраната и безбедноста,борбата со тероризмот, трговијата и инвестициите, енергетиката и врските меѓу луѓето.
Во делот посветен на регионалната соработка, двете страни ги споделиле ставовите за Источниот Медитеран, Црното Море и Западен Балкан, истакнувајќи ја нивната заедничка визија за мирен и просперитетен регион, а го споменуваат и Договорот од Преспа.
-Ја повторија нивната решеност за поддршка на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во европските и трансатлантските институции, согласно со изборот на нивните народи. Тие препознаа дека добрососедските односи и мирното решавање на споровите се клуч за постигнување на ова цел. Според тоа, двете влади ја потврдуваат нивната намера да го поддржат владеењето на правото и демократските институции во регионот. Тие исто така се заложија да ја промовираат култура на компромис и помирување. Ги истакнаа напорите на Грција за таа цел, потенцирајќи го стапувањето на сила на Договорот од Преспа, а ја подвлекоа важноста на неговата конзистентна имплементација со добра волја, пишува во заедничкото соопштение во делот што се однесува на регионалната соработка.
Вториот круг од стратешкиот дијалог меѓу Грција и САД се одржа вчера во Атина, во присуство на високи претставници од двете земји.