Конзорциумот Бехтел и Енка во Битола одржа Саем за вработување

од Radmila Tasevska
298 прегледи

Конзорциумот Бехтел и Енка приреди Саем за вработување и ги повика битолчани да се пријавуваат за ангажман во изградбата на новиот автопат што ќе ги поврзува Битола и Прилеп.

На промотивниот настан, во присуство на министерот за транспорт и врески Благој Бочварски и директорот на ЈП за Државни патишта Ејуп Рустеми, проектниот менаџер на Бехтек и Енка, Џош Бекер ја најави кампањата за нови вработувања во компанијата.

-Почнуваме кампања за вработување и до крајот на следната година планираме да вработиме околу 2000 лица. Досега вработивме 250 лица. За вработување ќе има многу можности со многу позиции. Апликациите може да се доставуваат во Агенцијата за вработување или онлајн. Сакаме вработувања за заедно да работиме за поубава Северна Македонија, истакна Бекер.

Според министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, конзорциумот Бехтел и Енка е силен изведувач од кој може и да се научи, а новите знаења да ги применува македонската оператива.

-После 32 години зборуваме за изградба на автопат кој го очекуваат битолчани. Имаме најсилен изведувач на работите, а тоа е конзорциумот Бехтел и Енка од кој можеме многу да научиме, а тоа знаење подоцна да го пренесуваме на нашата оператива. Бехтел и Енка работеле во регионот, во Србија, Косово и Албанија, и секаде со Бехтел и Енка соработувале македонски компании. Повикувам сите профили да аплицираат затоа што може да бидат од корист за изградба на инфраструктурата во пелагонискиот регион, порача министерот Бочварски.

На промотивниот настан во Битола, директорот на ЈП за Државни патишта, Ејуп Рустеми  потсети на досега реализираните активности кои се во функција на коридорите 8 и 10-д.

-После потпишувањето на договорот со Бехтел и Енка за изградба на коридорите 8 и 10-д, ние интензивно работиме на четири активности. Геомеханичките истражувања се приведуваат кон крај, избравме проектанти, при крај се урбанистичките проекти, а очекуваме многу брзо од владата да добиеме потребни одобренија за градба. Апелирам битолчани да се јават на отворениот оглас за вработувања во Бехтел и Енка бидејќи целта на владата, на Министерството за транспорт и врски и на ЈП за Државни патишта е 51 насто од капацитетите во овој проект да се од државата. Повикувам граѓаните да аплицираат за вработувања, а фирмите да се јавуваат за ангажмани со цел што повеќе работници да бидат ангажирани во овој проект, нагласи Рустеми.

Саемот за вработување и ангажман во проектот на Бехтел и Енка што се реализира во земјава, освен во Тетово, Гостивар и Битола, наскоро ќе биде одржан и во Прилеп.

Слични содржини