Копаоник бизнис форумот и оваа година посветен на клучните предизвици на целиот регион

од Nikola Popovski
186 прегледи

На овогодинешниот јубилеен 30. Копаоник бизнис форум, кој ќе трае од 5-ти до 8-ми март, пријавени се околу 200 говорници кои ќе земат учество на 34 панели, 3 пленарни сесии и 4 специјални настани. Повеќе од една третина од панелите ќе бидат посветени на целиот регион и на предизвиците со кои се соочуваат државите од Западен Балкан, со учество на реномирани експерти и еминентни имиња од регионалната економска и политичка сцена.

Централната тема на форумот ќе биде Отпорноста на економијата во неизвесни времиња – Клучни предизвици за Србија и Западен Балкан, за што во текот на 4 дена ќе зборуваат скоро 200 панелисти, претставници на академската заедница, на меѓународните финансиски институции, на стопанствениците, на стопанските комори од регионот.

„Форумот и овој пат ќе ги собере експертите од регионот со кои ќе разменуваме стекнати знаења и искуства и врз основа на тоа, ќе настојуваме да оформиме соодветен одговор на предизвиците пред нас. Нашата намера е од година во година сите проблеми да ги согледуваме регионално, со цел да ги елиминираме пречките за соработка што постојат на политичкиот, но и на економскиот план “, истакна Александар Влаховиќ, претседател на Сојузот на економисти на Србија.

Ова значи дека и овој пат српскиот Давос ќе биде место на кое аналитички ќе се дискутира за  бројни теми и ќе се покренат конструктивни расправи и критички аналии, не само од макроекономската сфера, туку и од сите области кои се важни за развој на економијата и општеството.

Заедно со домашната политичка и економска елита на форумот ќе присуствуваат и  директорите на меѓународните финансиски институции на Западен Балкан и Србија, како и претставници на стопанските комори на земјите во регионот.

Копаоник бизнис форум оваа година одбележува значителен јубилеј – три децении на постоење. За овие 30 години, повеќе од 15.000 учесници поминаа низ форумот, се одржаа повеќе од 400 панели на кои учествуваа во околу 4.000 панелисти. Овие бројки најдобро илустрираат колкави се влијанието и важноста на Копаоник бизнис форумот. За повеќе информации посетете ја: https://www.kopaonikbusinessforum.rs/home

Слични содржини