Денес, 15 јули, во Копенхаген се спроведува интересна иницијатива наречена CopenPay.
Во рамките на неа, туристите ќе имаат можност да добијат бесплатно кафе, сладолед, ручек или возење со кајак, под претпоставка дека при посетата придонеле за почист и поздрав град, на пр. преку собирање смет или користење јавен превоз.
„Со CopenPay, ние ги охрабруваме луѓето да искусат повеќе од она што Копенхаген го нуди, а притоа ставаме помал товар на нашата планета“, рече Микел Оро Хенсен, извршен директор на туристичката организација Wonderful Copenhagen.
„Се работи за создавање незаборавни и значајни искуства кои се пријатни и еколошки одговорни.
Како дел од пилот-проектот, низ градот, туристите можат да најдат вкупно 24 локации каде што можат да ги разменат своите еколошки напори за награда.
На пример, за волонтирање во урбана органска градина, ќе добијат бесплатен вегетаријански ручек, а доколку донесат пластичен отпад во Данската национална галерија, можат да учествуваат во уметничка работилница каде ѓубрето ќе го претворат во своевидна меморија.
GreenKayak, непрофитна организација која работи на намалување на ѓубрето во крајбрежните води, ги поканува заинтересираните туристи на бесплатно возење со кајак при што тие самите ќе учествуваат во чистењето на пристаништето.
Копенхаген, исто така, може да се обиколи со електричниот брод Hygge ако стигнат до почетната точка со јавен превоз или со велосипед. И необичниот ски-центар, сместен на постројката за отпад-на-енергија, CopenHill, ќе ја награди одржливата мобилност со дваесет дополнителни минути скијање.
Главната цел е всушност преку CopenPay да се ублажи негативното влијание на туризмот врз главниот град на Данска и идеално, туристите да ги земат овие зелени напори со себе како сувенир.
Како што е најавено, пробната фаза на проектот ќе трае до 11 август, а доколку иницијативата се покаже како успешна, ќе продолжи до крајот на годината.