Копија од познатата слика на Леонардо да Винчи, Мона Лиза ќе се најде на аукцијата во „Кристис“ во Париз, а се очекува да достигне вредност до 300.000 евра.
Сликата е именувана како Мона Лиза на Екин по нејзиниот поранешен сопственик, а се верува дека нејзиниот творец е поддржувач на Да Винчи од почетокот на 17 век.
Рејмонд Екин, кој почина во 1977 година, ја оспори автентичноста на оригиналот на тоа ремек-дело, кое се наоѓа во музејот Лувр во Париз, објави Ројтерс.
Тој поминал неколку децении обидувајќи се да го убеди светот дека сликата на Мона Лиза што ја купил во продавница за антиквитети во Ница во 1953 година е оригинална, а онаа во Лувр е копија.
– Се чини дека сликата е со квалитет на Мона Лиза, но всушност не е направена од Леонардо да Винчи – изјавил еден од директорите на аукциската куќа „Кристис“ – Пјер Етјен.
Аргументот на Екин беше дека оригиналната слика никогаш не била вратена по кражбата на почетокот на 20 век, туку завршила во продавница во селото Магањоск во неговата родна Прованса, регион во југоисточна Франција, додека музејот во главниот град бил измамен од копија.
Бројни исечоци од весници сведочат за негово жалење кон новинарите, а документарец од 60-тите години на минатиот век покажува како американските новинари се чини дека истражуваат дали вистинската Мона Лиза и била позајмена на Америка.
Сликата е направена од непознат уметник на почетокот на 17 век, околу 100 години откако оригиналот на италијанскиот мајстор на ренесансата влегол во кралската колекција на Франсоа од Франција, првиот француски крал на ренесансата, според „Кристис“ .
Нејзината приближна цена е помеѓу 200.000 и 300.000 евра, а интернет-аукцијата завршува на 18 јуни.