Кордалов: Партиите во изборните кампањи се водат според максимата „целта ги оправдува средствата“

Трендовите за зголемена црна кампања постојат во секоја сфера и на секое поле во рамките на предизборната кампања, вели Кордалов за „Локално“

од Бисера Трајковска
50 прегледи

Поради притисокот да се постигнат подобри резултати или да се освои повеќе од изборниот колач, и тоа во многу кратко време предвидено за предизборна кампања, говорот на омраза и црната кампања се чинат како „магичното решение“, вели за „Локално“ комуникологот Бојан Кордалов.

Тој е на ставот дека партиите веќе извесно време во изборните кампањи се водат според максимата „целта ги оправдува средствата“. 

-А, целта е победа, и тоа по секоја цена. Дополнително, целта е скоро секогаш и апсолутна победа и највисок можен изборен резултат, односно апсолутен пораз на политичките противници. Ако ова се отслика, согледа реално и се признае дека се случува, тогаш, за жал, станува очигледно од каде говорот на омраза, нетрпеливоста и црната кампања се дел од партиското дневно ораторство, особено засилувајќи се во предизборниот период кога политичките страсти и влогови се реални на највисоко и зовриено ниво, вели Кордалов.

Како што посочува, трендовите за зголемена црна кампања постојат во секоја сфера и на секое поле во рамките на предизборната кампања.

Кордалов апелира партиите да користат инклузивна комуникација, секако базирана и на критика и предлози, но комуникација која исклучува ширење на омраза врз поединци и групи, дискриминација, омаловажување или стигматизирање. 

Б.Т.