Коронавирус: 66 проценти од активните случаи во пет града

од Vladimir Zorba
169 прегледи

Со нови рекордни 243 заразени за 24 часа, според статистиката што ја објави вчера Министерството за здравство, вкупната бројка на активни случаи на КОВИД-19 во земјава за само два дена се зголеми речиси за една петтина, достигнувајќи 2 585.

Над 66 проценти од активните случаи се во пет града и тоа во Скопје – 891, Куманово – 186, Кочани – 183, Струмица – 178, Тетово – 149 и Прилеп – 134.

Министерството за здравство најави дека викендов детално ќе се анализираат епидемиолошките податоци од прашалниците и врз основа на добиените податоци ќе се заземе став дали се потребни мерки и следни чекори кои ќе бидат препорачани до Владата.

Најмалку активни случаи имаат Дојран – 8, Гевгелија – 7, Македонски Брод и Ресен со по 6, Пехчево – 4, Кичево – 3, Демир Хисар и Кратово со по два и Крушево со еден активен.

Во Скопје најмногу активни случаи има Аеродром – 144, потоа следат Центар – 142, Карпош – 129, Кисела Вода – 104 и Гази Баба – 102. Најмалку имаат Сопиште и Зелениково со двајца и тројца активни случаи, по што следат Арачиново, Петровец и Чучер Сандево со по шест, Студеничани со седум, Сарај – 15, Шуто Оризари – 18, Бутел – 32, Илинден – 35, Ѓорче Петров – 64 и Чаир – 65 активни случаи.

Здравствените власти инсистираат на строго почитување на мерките за заштита – носење маска и држење социјална дистанца, бидејќи, како што велат, ќе мора да научиме да живееме со вирусот.

Но, од друга страна, директорот на Пазарна инспекција, Стојко Пауновски, вели дека одредена група угостители на големо ги имаат пречекорено мерките за заштита од Ковид-19 и најавува уште позасилени контроли низ цела држава.

Во изминатите 24 часа оздравени се 100 лица, а починати се четири пациенти, и тоа еден 65-годишен пациент од Прилеп и еден 82-годишен од Битола, како и двајца на 72 и 80-годишна возраст од Куманово.

На болничко лекување се вкупно 364 пациенти. На Инфективната клиника во Скопје се хоспитализирани 78, од кои на кислородна поддршка се 47 пациенти и нема пациенти на механичка вентилација. Во ГОБ „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 33 пациенти, од кои на респиратор се три пациенти. Во болницата во Козле хоспитализирани се едно дете и мајка позитивни на ковид-19, 3 деца и 3 мајки суспектни на вирусот.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 15, а во болницата во Штип 43 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 187, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Од почетокот на епидемијата во нашата земја направени се вкупно 193 652 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани изнесува 18 602, оздравени пациенти се 15 264 и 752 се починати.

Слични содржини