Коронавирусот зема „замав“ во светот, надлежните кај нас велат дека нема простор за паника

од Stefanija Kuzmanovska

Минатиот месец, докторите забележаа нов тип на вирусна пневмонија со симптоми на треска, кашлање и тешкотии во дишењето кај вработените и посетителите на пазарот за морска храна во предградието на градот Вухан во Кина. Оттогаш беа регистрирани 200 случаи и три лица починаа. Пред две недели Тајланд пријави два случаи на кинески посетители кои го пренеле овој тип на вирус, а Јапонија го регистрираше првиот случај на заболен, откако лицето се вратило од Вухан.

Најчестите симптоми се треска и тешкотии со дишењето, а исто така симптоми кои се јавуваат се кашлање, губење здив, брзо дишење, болки во грлото и течење на носот што се типични симптоми на настинка, но се многу поизразени.

Според најновите официјални бројки, 2.027 луѓе се заразени во Кина, а досега има 57 жртви.

Набрзо коронавирусот пристигна и во Европа. Во Франција вчера беше потврден трет случај на коронавирус. Трите потврдени случаи на заболени со коронавирус се уште се под надзор, изјави денеска министерката за здравство Ањес Бузин и додаде дека епидемијата на вирусот од Кина веројатно ќе се шири во наредните денови.

-Веројатно ќе бидат познати нови случаи, можно е во секој случај. Оваа епизода најверојатно ќе се прошири во наредните денови и недели, рече таа.

Прв случај на новиот коронавирус е потврден во Канада, а во Соединетите Американски Држави е забележан трет случај кај пациент кој пристигнал во Калифорнија од кинескиот град Вухан.

Кинеските власти објавија дека ги прошируваат мерките за спречување на ширењето на новиот вирус. На 13-те градови веќе ставени во карантин во покраината, додадени се уште пет, што значи дека 56 милиони луѓе веќе се изолирани од светот. Мерките вклучуваат прекин на транспортните врски до и од тие градови.

Што се случува во регионот?

Во регионот, министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар денеска изјави дека пациентот од Кина за кој во Белград се посомневале дека има коронавирус, не бил инфициран од овој вирус. Во изјава за Радио телевизија Србија, тој вели дека по тестирањето било откриено дека станува збор за друга респираторна инфекција.

Лончар потенцира дека Србија има реагенси не само за еден вид коронавирус, туку за четири типа и дека во рок од два часа тие можат да утврдат дали пациентот е заболен. Првиот човек на српското министерство за здравство вели дека по тестирањето се сигурни дека пациентот нема коронавирус, туку дека станува збор за инфекција на респираторниот систем.

Во меѓувреме, директорот на црногорскиот Институт за јавно здравје, Бобан Мугоша денеска изјави дека работници од Кина кои градат автопат во Црна Гора се под постојан здравствен надзор, а поради ширењето на коронавирусот се засилени мерките на претпазливост.

Надлежните во државава преземаат превентивни мерки

И додека новиот коронавирус зема се поголем замав во светот, Комисијата за заразни болести соопшти дека нема простор за паника од коронавирусот во земјава, но ќе се преземаат превентивни мерки и од денеска ќе се скенираат со термална камера патниците на летовите од Истанбул и Дубаи, кои имаат врска со регионот во Кина.

Доктор Жарко Караџоски, член на Комисијата, појасни дека кај оние кај кои ќе се покаже сомнение на повисока температура ќе имаат посебен третман, односно екипа од аеродромот ќе ги интервјуира во заштитна облека дали доаѓаат од Вухан или околината и доколку се покаже дека имаат било какава симптоматологија ќе бидат тргнати во изолација. Тие што немаат симпотамтологија ќе бидат упатени дома, но ќе им биде даден телефонски број и доколку има какво било зголемување на симптоматолигјата со респираторно заболување ќе се јават.

Караџоски уверува дека епидемиолошката служба е ставена во целосна приправност, Инфективната клиника со сите свои капацитети може да одговори на сегашниот предизвик, дека Министерството за здравство ќе направи свој придонес во делот на дистибуција, набавка и во доопремување на институции доколку се укаже потреба и оти минсиерот за здравство е во состојба да активира дополнителни екипи доколку се најде за потребно во овој момент.

Тој посочи дека во моментов вакцина нема и дека тоа треба да го знае населението и дека најважна е превенцијата за заштита од овој вирус.

Нема простор за паника, тврди пак министерот за здравство Венко Филипче, по ширењето и смртните случи на коронавирусот.

Ние со Кина, вели Филипче, немаме директна комуникација и летови, така што луѓето кои би дошле во земјава се проверени на други
аеродроми.

Кај нас не се очекува да се развие во поголема форма.

„Постои стандардизиран протокол за надзор. Не може по тој протокол пациентите да се мешаат. Сега регулираме надзор кога ќе стигнат и ако имаат симптоми упатување на инфективна клиника со брза помош, без да одат кај матични лекари и во чекални да ја пренесат болеста“, објасни Филипче.

Како да се заштитите од коронавирусот доколку патувате надвор од земјава?

СЗО советува да избегнувате престој на места каде има големи групи на луѓе, како што се аеродромите, но за оние кои често патуваат тоа е непрактично и затоа треба да бидете претпазливи и, доколку досега тоа не беше случај, треба да следите неколку едноставни совети за превенција од вирусот.

Бидејќи станува збор за нов вирус за кој сè уште не е со сигурност потврдено како се добива, третира или пренесува, мора да бидете претпазливи, особено оние што во последните две недели се нашле на големи аеродроми или барем во близина на ризични локации. како што се Кина, Тајланд, Тајван, Јапонија или Јужна Кореја.

Она што лекарите пред сè го препорачуваат е засилена хигиена – миење на рацете што е можно почесто, не пократко од 20 секунди. Најдобро е да се користат средства за дезинфекција.

Иако изворот на коронавирусот сè уште не е официјално потврден, се препорачува да се избегнуваат сите потенцијални извори. Се смета дека вирусот најпрво се пренесува од животни на луѓе, така што треба да се избегнува контакт со животни во ризичните земји.

Како и кај секој вирус, се предлага да се избегнуваат луѓе кои кашлаат и киваат, а доколку сте тоа вие, за да ги заштитите другите ставете шамиче над устата и веднаш фрлете го, а потоа дезинфицирајте ја раката.

Бидејќи Кина, земјата со најмногу заболени и со неколку карантинирани градови, во моментов е една од најбараните дестинации заради лунарната Нова година, особено внимание треба да се посвети на аеродромите каде има врски со градови како Вухан.

Во текот на летот, добро би било да се заштитите себе си и другите со помош на маска за лице. И, додека сте во авионот, запомнете да ги измиете рацете неколку пати.

Она што треба посебно да се применува, особено кога постои ризик од смртоносен вирус, е дезинфекција на седиштето, потпирачот за грб, масичката, безбедносниот ремен и сè што ќе допрете за време на летот.

За да се избегне каков било контакт со заразеното лице, треба да се избере седиште покрај прозорецот и на тој начин да имате контакт со помалку луѓе отколку кога седите до патека каде би контактирале со голем број патници и персонал.

Вентилацијата треба да се чува цело време вклучена за време на летот, за задржувањето на вирусите околу вас да биде спречени, пишува Inside Edition.

Слични содржини