Иако генерално како држава имаме позитивен став кон ЕУ, сепак, најновата анкета на ИДУЕП покажува дека над 40 проценти од нив немаат позитивен став кон ЕУ, што повторно го потврдува постоењето на евроскептицизмот. На што се темели недовербата на младите дека нешто би се променило во брзо време во поглед на евроинтеграциите и постои ли можност државата да изнајде конкретни политики со кои што би го променила ова?
Студентскиот правобранител на УКИМ, Савче Ѓошева за „Локално“ појаснува дека нашето интегрирање во ЕУ се одвива многу бавно, поточно се кочат процесите од политичките елити што ни ја водат државата. Токму тоа, појаснува, го предизвикува евроскептицизмот кај младите.
Таа вели дека колку побавно се одвива евроинтегративниот процес во државата, толку повеќе се создава евроскептицизмот кај младите.
Поаѓајќи од моментот дека актуелни се локалните избори, а во одредени кампањи се слушаа и евроинтегративни пораки и дали ова можеби го зголемува интересот на младите да излезат да гласаат, Ѓошева смета дека локалните политики не се толку интересни, затоа што не се младите во фокусот.
-Локалните политики не се толку интересни за младите, бидејќи не се поставени младите во фокусот. Имаме кандидати кои имаат повеќе од 40 години. Младите не можат да се поистоветуваат со овие кандидати. Парламентарните избори се поинтересни, бидејќи говорат за националната политика, младите на парламентарните избори гледаат со поголема драматичност и сериозност, вели Ѓошева.
Во однос на тоа дали евроскептицизмот ја предизвикува Европската Унија или властите во Македонија, Ѓошева вели дека токму носителите на власта во нашата држава се најголеми виновници, затоа што со нивните националистички теми, го подгоруваат скептицизмот.
-Живееме во сиромашна држава, каде што голем дел од граѓаните не се доволно свесни и еманципирани и живеат во страв од загуба на име, идентитет или јазикот и тоа им предизвикува силна емотивна реакција. Оваа националистичка карта се користи за да не можат да се откочат процесите, знаејќи дека со нашето интегрирање во ЕУ би требало да се променат многу работи, како што е усогласување со правосудниот систем и со многуте закони на ЕУ, вели Ѓошева.
Како што посочува, и корупцијата се посочува како најголема пречка за европската интеграција.
-Со нашето евроинтегрирање, би се зголемил надзорот од Европската Унија, а тоа е голема пречка за корупцијата која што постои во државата. Властите би биле ограничени и не можеле да бидат коруптивни, додава таа.
Ѓошева посочува дека младите не веруваат дека политичари кои играат на националистичка карта и се коруптивни би спровеле брза интеграција на земјата во ЕУ.

Фото: приватна архива на Савче Ѓошева
За младите да можат да гледаат иднина во евроинтеграциите, Ѓошева вели дека најпрвин треба политичарите да ја отфрлат националистичката карта, да се спроведе добра кампања против корупцијата во државата и младите да имаат нивен претставник, кој ќе работи чесно.
Таа е на ставот дека ние во државата немаме политички елити кои работат чесно.
Студентот Матеј Јаневски исто така е на ставот дека главната причина за евроскептицизмот е бавниот напредок на државата кон интеграцијата во Европската Унија, но и генерално, како што вели, постои недоверба на младите во надворешната политика на Македонија.
Тој за „Локално“ вели дека државата треба да понуди конкретни мерки, но истовремено и настани наменети за младите, кои ќе промовираат европски политики.
Од Делегација на Европската Унија во Северна Македонија за „Локално“ информираат дека според нивните податоци, 70 проценти од населението даваат поддршка за членството на земјата во ЕУ.
Тие сметаат дека поддршката за ЕУ членството е прилично висока кај македонското население.
Б.Т.