Преговорите за пристапување на Црна Гора во ЕУ влегоа во последната година и време е да се започне со дискусија за Договорот за пристапување, изјави комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, објави црногорската агенција МИНА.
Во разговор за бриселското издание „Политико“, Кос рече дека преговорите меѓу Брисел и Подгорица за членството на Црна Гора во ЕУ влегоа во последната година.
„Време е да се започне со дискусија за Договорот за пристапување на Црна Гора“, рече Кос, додавајќи дека Европската комисија во моментов е во последната фаза од подготовката на нацрт-договорот.
Според неа, следниот чекор е да се утврди „кои гаранции ни се потребни за да се осигураме дека идните земји-членки ќе продолжат да ги исполнуваат своите обврски по пристапувањето“.
„Ова е важна лекција научена од минатите проширувања“, рече Кос.
Според „Политико“, неименуваната причина за ова предупредување е Унгарија, која беше примена во ЕУ во 2004 година.
„Ни треба осигурување од ризикот од тројански коњи во ЕУ, земји кои работат против нашите заеднички цели“, рече Кос.
„Политико“ објавува дека меѓу ограничувањата предложени од ЕК се „иновативни“ заштитни мерки за заштита на буџетот на ЕУ, клучните политики и структурите за донесување одлуки, вклучително и посветеност на лојална соработка.