Кошта: Проширувањето е најдобрата геополитичка инвестиција што може да ја направи ЕУ

од Milan1
51 прегледи

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта денеска изјави дека проширувањето е најдобрата геополитичка инвестиција што може да ја направи Европската унија и најави дека во мај оваа година ќе го посети Западен Балкан.

Во својот говор во Центарот за европска политика по повод 68-годишнината од Римскиот договор, Кошта истакна дека ЕУ треба одлучно да работи на проширувањето со соседите од Западен Балкан, Украина и Молдавија.

„Проширувањето е најдобрата геополитичка инвестиција што може да ја направи Европската Унија. Затоа за четири месеци двапати ја посетив Украина. Затоа на почетокот на март ја посетив Молдавија, а оваа година ќе свикаме и билатерален самит. Затоа првиот Самит со кој претседавав беше со Западниот Балкан, регион кој ќе го посетам во мај“, истакна Кошта.

Тој додаде дека кога Европа ги укина царините во 1957 година и создаде заеднички пазар на просперитет и доверба, „знаевме дека царините се данок за потрошувачите и бизнисите“, а кога се случи првото проширување на ЕУ во 1970-тите, „знаевме за моќта на проширување на мирот и просперитетот на другите“.

„Од тогаш, проширувањето стана најголемото геостратешко достигнување на Европската унија, заедно со мирот“, подвлече Кошта.

Тој укажа и на важноста на просперитетот за постигнување напредок во областа на безбедноста, наведувајќи дека инвестирањето во европската одбрана значи инвестирање во нејзините индустрии, технологија и квалитетни работни места за граѓаните.

Тој додаде дека на Европа и треба силна, конкурентна економија за да промовира просперитет и да ги брани своите интереси „во предизвикувачкиот глобален контекст“.

Слични содржини