Европската комисија ја одобри втората транша од финансиската помош од Планот за раст на Западен Балкан наменета за Албанија, Македонија и Црна Гора. Косово не е вклучено бидејќи не поднело официјален извештај.
Фронт Онлајн, повикувајќи се на извори во институциите на Европската Унија, објавени од Косово Онлајн, дознава дека Косово не го исполнило условот за исплата на средствата бидејќи косовскиот парламент не го ратификувал Договорот за олеснување, што значи дека обврската за формално известување не е исполнета.
„Оваа одлука не го вклучува Косово бидејќи официјално не го поднело својот извештај. Недостатокот на формално известување произлегува од недостатокот на ратификација на Договорот за олеснување“, изјавил неименуван функционер на ЕУ за порталот.
Средствата се технички достапни, но чекаат исполнување на домашните политички предуслови во Приштина.
Поранешниот амбасадор на Косово, Гезим Ѓерѓ Дедај, го обвини в.д. премиерот Албин Курти дека со своите политички потези ги оштетува односите на Косово со клучните западни партнери.
„Албин Курти сериозно го оштети партнерството со САД и ЕУ. Оваа неодговорна политика доведе до изолација и санкции против Косово, прекин на Стратешкиот дијалог со САД и повлекување на меѓународните инвеститори“, рече Дедај.
Според него, Косово ги изгубило средствата од ЕУ „по вина на пратеникот Курти“, додека други земји во регионот, вклучително и Србија, добиле средства.
Поранешниот косовски дипломат Авни Арифи оцени дека Косово изгубило десетици милиони евра поради институционалната криза и нефункционалниот политички систем.
„Уште во април требаше да ја добиеме првата транша од 65 милиони евра од Планот за раст. Наместо тоа, поради блокадата, не добивме ништо, а нема надеж дека наскоро ќе добиеме“, рече Арифи.
Тој додаде дека Косово технички е исклучено од бројни европски проекти и дека наместо интеграција, земјата се движи кон нова изолација.
Политичкиот аналитичар Азем Власи рече дека главната причина за недостатокот на средства е политичката блокада, првенствено неуспехот да се формира Собрание и отсуството на функционална влада по изборите одржани на 9 февруари.
„Кризата предизвикана од одложувањето на формирањето на Собранието и отсуството на функционална влада доведе до губење на пристапот до европските фондови“, рече Власи.
Според најавите на ЕК, во рамките на Планот за раст за Западен Балкан, планирани се вкупно 6 милијарди евра помош, вклучувајќи грантови и меки заеми, за земјите од регионот во следните три години.