Пет лица во Приштина се осомничени за силување на 11-годишно девојче, соопшти косовската полиција. Претседателката на Косово, Вјоса Османи, оцени дека силувањето на малолетничката (11) е шокантен и нехуман чин и побара ригорозна истрага и правна одговорност за сторителите.
Османи на Фејсбук напиша дека „со најголема жестокост и одлучност мора едногласно да повториме дека никој не е над законот“.
„Законот треба да биде суров кон секој таков престапник, особено во случаи како овој кога децата се цел на насилство“, рече таа.
Таа посочи дека „сексуалното насилство, како и сите форми на насилство врз девојчињата и жените, претставуваат закана за сите“ и, како што нагласи, „претставуваат сериозна рана во општеството“.
Изјави дека „сторителите на овие кривични дела мора да добијат соодветен и итен одговор од правосудните органи“.
„Не смееме да дозволиме нашата земја да биде небезбедна за девојките и жените“, напиша Османи.
Побара од правосудните органи целосно да го елиминираат сексизмот и нееднаквоста во судските одлуки, а безбедносните институции да го зголемат степенот на заштита на девојчињата и жените кои се жртви на насилство.
Таа оцени и дека „време е да се пристапи кон законски измени кои дополнително ги заоструваат казните за прекршителите“.
„Наша заедничка одговорност е да обезбедиме сите деца да имаат достоинствено детство и да го елиминираме родовото насилство“, напиша Османи.
Двајца од петмината осомничени за силување се во притвор, а по останатите кои и се познати на полицијата се трага.