Клисман Кадиу, политички советник на вицепремиерот на Косово, Бесник Бисљими, рече дека се очекува Приштина да поднесе барање за членство во Европската унија во текот на декември.
Кадиу во писмена реакција до „Радио Косово“ наведува дека Владата во Приштина започнала со подготовки за поднесување барање за членство во Европската унија, а првиот чекор е добивање статус на земја кандидат, пренесува РТК.
Тој изјави дека на крајот на август била формирана комисија која ќе се занимава со подготовка на таа апликација.
„Владата ги презема сите неопходни чекори за информирање на сојузниците и чешкото претседателство со ЕУ за целта на барањето“, додаде Кадиу.