Косовска министерка: Криминални групи од Србија поврзани со властите помагаат во бегството на одредени затвореници од Косово

од Nikola Popovski
2,8K прегледи

Министерката за правда на Косово, Аљбуљена Хаџију оцени дека убиството на еден српски полицаец и ранувањето на друг во четвртокот кај Лозницa е тешко кривично дело, но изјави дека српските власти „учествуваат во некои бегства на затвореници од косовските затвори со целта да се наруши јавниот, правниот и уставниот поредок на Косово“.

„Важно е да се истакне фактот дека бегството на некои лица кои бараат одговорни институции во Република Косово се одвива само во еден правец: кон територијата на Србија. Податоците на нашите власти покажуваат дека, барем во некои случаи, овие бегства биле креирани, организирани, коорганизирани и олеснети од криминални групи поврзани со владините структури на територијата на Србија“, напишала Хаџију на Фејсбук.

Според нејзините зборови, „таа организација се состои во тоа да им гарантира на таквите лица дека територијата на Србија, тамошните криминални групи и одредени нивоа на власт им обезбедуваат заштита од кривично гонење од страна на Република Косово“.

Хаџију посочила и дека информациите деновиве се контрадикторни и дека е потребна широка и длабока истрага за да се расветли вистината за настанот кај Лозница.

Припадници на српското МВР вчера при вооружена пресметка го убија Фатон Хајризи, кој го уби полицаецот Никола Крсмановиќ и го рани полицаецот Вјекослав Илиќ. Хајризи пред неколку дена избега од затвор во Косово, а беше осуден за убиство на руски војник на Косово и други кривични дела.

Слични содржини