Невладината организација „Актив“ соопшти дека извршниот директор на нивната организација Миодраг Милиќевиќ денеска на северот на Косово бил изложен на физичко и вербално малтретирање од припадници на специјалните единици на косовската полиција, објави РТС. Од полицискиот штаб во Приштина негираат дека имало каков било инцидент или малтретирање.
Според соопштението на невладината организација „Актив“, инцидентот се случил околу 9 часот и 30 минути, во близина на преминот Јариње. Како што истакнуваат, Миодраг Милиќевиќ бил запрен од припадник на специјалната единица и при распитот бил уапсен.
Истовремено, се додава во соопштението, имало и вербално малтретирање кога полицајците му викале на Милиќевиќ и барале да „молчи“ и му поставувале прашања „зошто нема косовски документ“.
Невладината организација „Актив“ е згрозена од овој инцидент и најостро го осудува насилното однесување на припадниците на специјалните единици.