Косовската полиција (ПК) објави конкурс за регрутирање на нови полицајци за северниот регион, откако 574 нејзини припадници од српска националност ја напуштија полицијата на крајот на минатата година.
Во документите на официјалната веб-страница се дадени критериумите кои заинтересираните треба да ги исполнуваат.
Како што е наведено, конкурсот е објавен за сите малцинства – српско, бошњачко, турско, горанско, ромско, ашкалиско, египќанско, хрватско, црногорско и македонско.
Како место на работа е наведена „Регионалната полициска управа Северна Митровица“.
Србите во четири северни општини – Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток ја напуштија полицијата на почетокот на ноември 2022 година поради суспензијата на директорот на регионалната полиција за северно Косово, Ненад Ѓуриќ.
Според законите и прописите на ПК, оние кои ќе поднесат оставка не можат повторно да се вработат во полициските сили.