Косовската полиција од утре изутрина ќе започне со примена на мерката казни за граѓаните кои имаат автомобили со српски регистерски таблички, соопшти портпаролот на полицијата Баки Кељани по денешните неуспешни разговори во Брисел.
Кељани за „Репортери“ изјави дека косовската полиција континуирано ги следела сите настани и од оперативен аспект правела стручни проценки во согласност со кои презела, како што тврди, „неопходни, разумни и законски мерки за спроведување на законите и одлуките“ на Приштина.
Тој потсети дека во одлуката за регистарски таблички се предвидува до 21 ноември да се изрекува предупредување за граѓаните кои имаат српски регистарски таблички, а косовската полиција најави дека од 22 ноември ќе почне да издава казни.
Како што претходно беше најавено, казни од 150 евра ќе бидат изречени за возачите кои не ги пререгистрирале возилата со таблички РКС.
На 1 ноември, владата во Приштина почна да спроведува фазен план за пререгистрација на возила, што првично значеше предупредување за возачите кои не ги пререгистрираа своите возила на табличките на РКС.
Според тој план, казните првично требаше да бидат издадени од 21 ноември, но таа одлука беше одложена за еден ден.
Во меѓувреме, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, имаше привремено одвоени, а потоа и заеднички разговори со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и со премиерот на Косово, Албин Курти, во Брисел.
По средбата, која траеше повеќе од седум часа, Вучиќ изјави дека апсолутно не е постигнат договор.