Балканската иницијатива „Отворен Балкан“ која има за цел да ја подобри соработката на Западен Балкан, за првпат беше покрената на 10 октомври 2019 година во Нови Сад, помеѓу Србија, Албанија и Северна Македонија под името „Мини шенген“.
Целта е да се анулира чекањето на границите и да нема царини.
„Ова е фантастична визија и движење на иднината“, оценија македонскиот и албанскиот премиер, Зоран Заев и Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ неодамна на Економскиот форум во Скопје каде го променија името на иницијативата во „Отворен Балкан“.
Тие ги повикаа и другите земји од регионот да се приклучат на иницијативата.
Премиерот на Косово, Албин Курти, категорично одби да се приклучи на иницијативата, сметајќи дека регионот мора да се врати на прашањето за интеграција со Европската унија, а не да учествува во иницијативи што се штетни за Албанците.
За тоа кои се мотивите на Курти да биде против ваква соработка и дали таквото однесување може да доведе до пад на неговата влада „Локално“ побара мислење од двајца косовски аналитичари.
Според Леон Духанај, сите идеи на земјите од Западен Балкан се копии од Берлинскиот процес.
-Основната идеја за економска и политичка интеграција на земјите од Западен Балкан беше формирана таму, со цел да се создадат релаксирачки и поволни услови за заедничка интеграција во Европската Унија. Според мое мислење, балканските лидери се обидуваат да ги искористат овие агенди за да направат повеќе во однос на домашната и регионалната економска политика, наместо да се стремат кон јасна визија за вистинска интеграција во ЕУ, објаснува Духанај.
Тој смета дека „Отворен Балкан“, не е ништо друго освен обид да се искористи процесот кој е започнат во Берлин за постепено да се стигне до целосна интеграција во ЕУ.
-Суштинскиот проблем во овој поглед лежи во односите меѓу Косово и Србија, бидејќи Србија има за цел да најде начини да го вклучи Косово, но не како рамноправен партнер. Сепак, мислам дека Србија ќе биде принудена да ја прифати реалноста и дека земјите ќе бидат интегрирани во оваа, или во друга форма. Проблемот на премиерот Курти, освен со Србија, лежи во борбата за влијание против премиерот на Албанија, Еди Рама. Курти нема да соработува со Рама, затоа што има намера да ја саботира неговата работа во Тирана, исто како што со години правеше во Косово, каде што има намера преку својата партија да ја преземе власта во Албанија, смета косовскиот аналитичар.
Според Духанај, Курти може да плива во такви „води“ се додека не ги попречува меѓународните интереси на патот, доколку тоа се случи тогаш тој може дури и да ја загуби моќта.
-Мислам дека таквите иницијативи без поддршка од релевантниот меѓународен фактор се со предиспозиции за неуспех. Заедничката иднина бара искрена поддршка и координација, во тој контекст мора да бидеме кооперативни бидејќи иднината кон која сите се стремиме е целосна европска интеграција, смета аналитичарот.
Фатмир Шеноли, политички аналитичар и директор на Институтот за афирмација на меѓуетничките односи во Приштина, вели дека иницијативата „Отворен Балкан“ не е во согласност со Берлинскиот договор и затоа Косово одбива да се приклучи.
-Мотивот на Курти и владата на Косово е недовербата во „Oтворениот Балкан“ во смисла на недоверба во искреноста на Србија во овој процес. Курти не сака да биде дел од тој проект без целосна согласност на сите 6 земји од Западен Балкан, Германија и САД, истакнува аналитичарот.
Курти, вели тој, ја има поддршката од луѓето во Косово, а потоа поддршката од сите земји што ја поддржуваат идејата за инкорпорирање на целиот Западен Балкан во ЕУ.
– Ова однесување претставува нов пристап на официјална Приштина кон се она што се однесува во врска со Србија. Србија не може да добие авторитет преку Косово во процесот на пристапување во ЕУ. Србија мора прво да се соочи со минатото и дури потоа да го започне процесот на помирување и можните заеднички проекти според Берлинскиот договор, коментира Шеноли.
Посочува дека ваквото однесување „не може да доведе до пад на владата на Курти“, освен ако самиот тој не сака да оди на предвремени избори.
Б.М.