Косовски аналитичар за Локално: Србија чека Русија да победи во Украина за да си го зголеми апетитот за Косово

од Илинка Илиоска
478 прегледи

Денес косовската полиција ги отстрани како материјален доказ за „Поттикнување непријателство и нетрпеливост“ плакатите кои се викендов се појавија во 4 општини на северот на Косово, на кои врз фотографијата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ пишуваше „Врховен команданту, те чекаме“.

Овој инцидент се случи откако минатата недела претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти беа во Брисел. Тие имаа одвоени билатерални средби со претставниците на ЕУ, високиот комесар за надворешна политика и пратеникот за дијалог, Жозеп Борел и Мирослав Лајчак, но не се сретнаа на заедничка средба.

„Тоа беше прва средба на високо ниво по терористичкиот напад во Бањска со организација и финансирање на српската држава. Девет месеци по нападот, главниот терорист Радојчиќ е на слобода и го штити Србија, изјави Курти во косовската Влада.

Вучиќ, од друга страна оцени дека непродолжувањето на дијалогот во Брисел е последица на желбата на Приштина за „де јуре признавање“и дека три пати добивал пораки со услови за продолжување на дијалогот од Курти.

Потоа реагираше и претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, Соња Бисерко. Таа изјави дека Вучиќ е тој што не е подготвен да го спроведе бриселскиот договор и охридскиот анекс, постигнати во косовско-српските преговори.

„Вучиќ чека промена на меѓународните околности, особено доаѓање на власт во Соединетите Американски Држави на поранешниот претседател Доналд Трамп. Иако се направени одредени напори, процесот на нормализација на односите меѓу Косово и Србија останува предизвик“, рече Бисерко.

Фатмир Шехоли

Косовскиот аналитичар Фатмир Шехоли во разговор со Локално.мк предупредува дека дијалогот меѓу Приштина и Белград е во ризик од запирање, поради комплексноста на врските помеѓу Косово и Европската унија.

„Косово не постави услови, но гласно и кажува на Европската заедница кој е пречка за процесот на дијалог. Апсурдно е Косово да е под санкции на ЕУ, додека Србија на 24 септември минатата година преку терористичка група го нападна територијалниот интегритет на Косово“, изјави Шехоли за Локално.

Сепак, Шехоли има резерви за моќта на ЕУ да реши ова прашање и смета дека САД можат да бидат подобар водач во овој процес.

„ЕУ не треба да биде унилатерална, туку мора еднакво да го третира Косово во дијалогот. Сметав дека дијалогот треба да го води САД бидејќи ЕУ нема моќ да го реши ова прашање“, рече Шехоли.

Тој дополнително објаснува дека формирањето на ЗСО, како што е предвидено со уставот на Република Косово, зависи од прифаќањето на независноста од страна на Србија, што доколку се случи, би било клучно за регионалниот мир.

„Заедницата на општините со српско мнозинство може да се формира како што е предвидено со уставот на Република Косово само кога Србија ќе ја прифати независноста на Косово“, посочува Шехоли.

Во контекстот на безбедносните предизвици, Шехоли ја коментира распространетата теорија за врската меѓу Косово и Украина, изразувајќи загриженост дека Србија може да ги искористи околностите во Украина за зголемување на своите амбиции за повторна окупација на Косово.

Според Шехоли, настојувањата на Вучиќ и сликите со неговото лице на северот на Косово можат да бидат предупредување за можна нова нестабилност, привлекувајќи внимание кон тензиите во регионот.

„Србија во последните две години купува големо вооружување. Држава се вооружува само ако треба да се одбрани од непријател или кога се подготвува за напад. Србија не ги криеше своите апетити за повторна окупација на Косово. Косово мора да биде подготвено во секој момент бидејќи на Србија не може да ѝ се верува. Постерите со Вучиќ на север докажуваат дека Србија се подготвува да го окупира северот на Косово. Но, Вучиќ требаа да разбере дека силите на НАТО се во Косово и ние сме подготвени како народ да ја заштитиме секоја педа од нашата држава“ рече Шехоли додавајќи дека Србија чека Русија да победи во Украина за да си го зголеми апетитот за Косово.

Слични содржини