Косовскиот министер за одбрана во посета на Тирана

од Radmila Tasevska
355 прегледи

Делегација на косовското Министерство за одбрана, предводена од министерот Ејуп Маќедонци денеска престојува во посета на Тирана.

Гостинот  беше пречекан од неговиот домаќин Нико Пелеши, кој му се заблагодари што негова прва дестинација, по изборот е токму Тирана,  покажувајќи ја уште еднаш „важноста на стратешките односи меѓу нашите две албански држави”.

На средбата двајцата министри се фокусирале на билатералната соработка во областа на безбедноста и одбраната, како и оценка на можностите за интензивирање на оваа соработка во иднина.

Посебен акцент ставиле на состојбите во регионот на Западен Балкан, регионалната соработка како и за предизвиците со кои се соочува регионот.

– Го уверив министерот Маќедонци дека Министерството за одбрана на Албанија ќе продолжи со својот придонес во промовирањето на „Политиката на отворени врати“ во сите регионални и меѓународни иницијативи, со што ќе го помогне членството на Косово посебно, но и на секоја земја од западен Балкан која претендира да се интегрира во евроатлантските структури, наведува Пелеши во објава на Фејсбук.

Од своја страна министерот Маќедонци изразил благодарност за континуираната поддршка на Албанија за косовското прашање.

На средбата на двете делегации било договорено да се идентификуваат нови области на соработка за натамошно интензивирање на односите меѓу Косово и Албанија.

Слични содржини