Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља денеска изјави дека косовските институции ги имаат сите потребни капацитети да ги отстранат барикадите на северот од земјата, но дека Приштина во координација со меѓународните партнери ја проценува ситуацијата за да даде соодветен одговор.
„Северот на нашата земја, како и секој агол на нашата Република, мора да се врати во нормала што е можно поскоро“, истакна Свечља во објавата на својот Фејсбук профил, пренесе Коссев.
Свечља исто така додал дека вечерал со полицајци од Брњак во петокот навечер, со порака што поскоро да се отстранат барикадите.
„Вечеравме заедно со полицајците во Брњак кои, како и сите останати, работат со висок морал и посветеност во согласност со нивната мисија во обезбедувањето на безбедноста и заштитата на суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата земја“, објавил Свечља.
Според него, граѓаните од северот на земјата веќе една недела се блокирани со барикади и „упорно бараат“ нивно отстранување и непречено продолжување на животот и развојот.
„Секој момент поминат под блокада на барикадите подигнати од вооружени и криминални групи е премногу“, порачал првиот полицаец на Косово.