Косовскиот претседател Хашим Тачи го откажа патувањето во Вашингтон по објавувањето дека е обвинет за воени злосторства, изјави денеска Ричард Гренел, американскиот претставник за преговори меѓу Србија и Косово, пренесе „Н1“.

„Претседателот на Косово штотуку не извести дека го откажал своето патување во Вашингтон по објавата од Канцеларијата на специјалниот обвинител“, напиша Гренел на Твитер.
Предвидено беше Тачи да отпатува за Вашингтон подоцна оваа недела за првиот круг преговори со Србија за нормализирање на односите во кои посредува Белата куќа.
„Ја почитувам неговата одлука да не присуствува на разговорите сè додека не се решат овие правни прашања“, рече тој, додавајќи дека состанокот ќе се одржи во сабота како што било планирано и на него ќе присуствуваат српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдалах Хоти.
Канцеларијата на специјалниот обвинител за воени злосторства на Косово во Хаг денеска објави дека поднела обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото против косовскиот претседател Хашим Тачи и „други“.