Одлуката на Народна банка да ја зголеми референтната каматна стапка отвори многу дилеми меѓу граѓаните кои веќе исплаќаат кредити или пак допрва размислуваат да се задолжат кај некои од комерцијалните банки.
Во исчекување на расчистување на сите нејаснотии околу тоа какви ќе бидат последиците, „Локално“ побара одговори од професор др. Снежана Костадиноска Милошеска од Економскиот институт при УКИМ.
Според неа, иако зголемувањето на каматата е на ниско ниво, самата корекција на референтната каматна стапка е сигнал за покачување на камататите.
„Дали банките ќе го следат овај сигнал зависи од нивните индивидуални одлуки. Со оглед дека банкарските стапки се над оваа каматна стапка, сега за сега не би требало да дојде до поскапување на кредитите. Тоа што би било неповолно за стопанството е да дојде до стегање на кредитната политика“.
Заради ваквата неповолност Костадиноска смета дека НБРМ и Владата треба да реагираат со нови инструменти за да не се влоши ликвидноста и одлагање на инвестициите, што на крајот би го загрозиле и економскиот раст. Во однос на дивеењето на цените на светските берзи од што не е поштедена ниту Македонија,најпогодени соред Костадиновска ќе бидат просечните семејства кои со истите плати ќе можат да купат помаку од порано.
„Нормално дека тоа ќе биде причина за загриженост за преживување и ќе предизвика социјална и економска дестабилизација во земјата“, вели таа и додава дека од суштинска важност е потребата на сите влади, а особено нашата да извлечат поука од актуелната криза со сите нејзини несогледливи последици.
НБРМ ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за о,25 пп и отсега ќе изнесува 1,25% со образложение дека ваквата одлука е превентивен одговор на растечките инфлациски очекувања.Каков сигнал испраќа Централната банка со ваквиот потег? Дали ова ќе повлече поскапување на кредитите и за граѓаните и за стопанството?
–Самото покачување на референтната каматна стапка е сигнал за покачување на камататите, иако е благо од само 0.25 п.п. и е на ниско ниво. Но, дали банките ќе го следат овај сигнал зависи од нивните индивидуални одлуки. Со оглед дека банкарските стапки се над оваа каматна стапка, сега за сега не би требало да дојде до поскапување на кредитите. Тоа што би било неповолно за стопанството е да дојде до стегање на кредитната политика. Заради оваа неповолност потребно е Централната банка и Владата да реагираат со дополнителни инструменти, со цел да не дојде до влошување на ликвидноста и одлагање на инвестициите, факти што би го загрозиле економскиот раст.
Цените на храната на светските берзи буквално дивеат а најмногу поскапеа маслата и житните култури.Ништо пооптимистички не се прогнозите за состојбите во Македонија до крајот на годинава. Во колкава мера треба да не загрижуваат најавите дека кулминацијата со цените се уште не е достигната?
-Цените на храната на светските берзи дивеат заради прекинатиот глобален ланец на снабдување и проблеми на страната на понудата. Проблемите произлегуваат заради намаленото производство во пост-Ковид состојбите и Руско-Украинската војна. Ова, од една страна креира паника и зголемена побарувачка, а од друга страна, светската понуда е значително неизвесна ако се има предвид дека Украина и Русија се поголемите производители на сончоглед и житни култури. Оттука прогнозите за тоа како ќе се одвиваат работите и дали е достигната кумлинацијата се неизвесни, затоа што е неизвесен исходот од воениот судир и стабилизацијата на трговските текови во регионот и светот. Локално ситуацијата е уште полоша ако се има предвид дека немаме доволно производство на сопствени суровини потребни за овие прехранбени стоки.
Со оглед дека станува збор за основни животни намирници, секаде во светот па и во Македонија погодени ќе бидат просечните семејства кои со исти плати и/или приходи ќе можат да купат помалку од порано, односно ќе се намали нивната потрошувачка моќ.Со цел да се делува стабилизарачки и спречи растот на галопирачка инфлација сите влади преземаат стандарден сет на мерки-ги зголемуваат со голема претпазливост, каматните стапки, а за семејствата со ниски приходи нудат збир на даночни олеснувања и субвенции кои ќе бидат во сила за одреден/неколкумесечен период.
На подолг рок ова треба да биде поука за сите Влади, особено за нашата. Имено, треба да се има интегрална стратегија за стабилен и самооддржлив раст кој би ги зел предвид сите досегашни лекции од ектерните шокови и нивното влијание врз нашиот економски развој.
Светска банка во својата пролетна прогноза предвиде раст на македонската економија од 2,7%. Трошоците на живот ќе продолжат да растат,фискалниот дефицит ќе остане зголемен а се остава простор и за дополнително влошување на надворешната побарувачка, доцнење на инвестициите итн. Како Македонија во вакви услови може да ги врати јавните финансии на одржлива патека и да се насочи кон поголема продуктивност, намалување на миграцијата и опоравување на лошата конкурентска политика?
-По наша оценка прогнозата за раст на македонската економија, со сите наведени квалификации би била нешто над 3% заради тоа што базата за споредување од 2020 година е дупло пониска, односно беше остварен пад на БДП од -6%, па во 2021 година 3%. Засега надеж даваат позитивните трендови на производството во ТИРЗ-овите во I-от квартал од годинава. Не се очекува висок фискален дефицит затоа што искуствено проектираните буџетски расходи не се реалиризираат во целост, особено кај капиталните расходи. Тоа е така заради слабиот врвен менаџмент, институционален капацитет, стратешката некоординација, корупција и слично. Јавните финансии, во вакви услови ќе бидат под притисок за одржливост, но мора јасно да се таргетирани кон создавање поволен деловен и животен амбиент.
На краток рок мора да има штедење и рационализација на непродуктивните јавни расходи и пакети за помош кон бизнисот и населението. Да престанат задолжувањата за непродуктивни цели. На среден и долг рок мора да има јасна развојна национална стратегија која би била насочена кон поголема продуктивност, намалување на миграцијата, унапредување на регулаторната рамка и здрава конкурентска политика. Во овој контекст би спомнала дека преку Економскиот институт-Скопје е покренато истражување за креирање на национален сомоодржлив развоен модел кој би бил понуден на Владата и соодветните министерства.
Речиси нема сегмент од економијата кој не бара помош од државата. Кон кого и во што треба да бидат насочени мерките на Владата?
-Помошта, како што предходно беше наведено и образложено мора да продолжи и биде насочена само кон ранливите бизниси и население со цел да се оддржи стабилноста на социо-економскиот систем.
К.В.С.