Во рамки на гостувањето во „Собраниски брифинг“, пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов одговори што очекува од интерпелацијата на вицепремиерот задолжен за европски прашања во Владата, Никола Димитров.
„Од опозицијата не ме чуди ништо. Конечно се осудија да дојдат на седницата за интерпелацијата која тие ја побараа. ВМРО ДПМНЕ продолжува со опструкцијата, а во однос на интерпелацијата, сметам дека ова ќе биде уште еден нивни неуспешен обид“, истакна Костадинов.
Тој додаде и дека изворот на криминалот и корупцијата е токму седиштето на ВМРО ДПМНЕ, односно „Белата палата“, додека неуспешно се обидуваат некој друг да обвинат за криминал и корупција.
Во однос на бојкотот на средношколците, кои бараат полагање на два предмети, наместо четири на предвидената Државна матура, како и поддршката од опозицијата, Костадинов вели:
„Правото на протест е уставно загарантирано. Јас го разбирам револтот, но мораме да ја сфатиме важноста од полагањето од Државна матура, за понатамошниот тек на образувањето. Не ја разбирам потребата да се профитира и политизира една ваква тема од страна на опозицијата. Материјалите од друга страна, е познато дека ќе бидат намалени, и иако се четири предмети, значително помалку матурантите ќе имаат да учат. Ние ќе ги видиме сите законски рамки, и со оглед на тоа дека ни остануваат уште неколку месеци до полагањето, сметам дека не можат да се издејствуваат измени“, истакна Костадинов.