Костадиновска-Стојчевска од Љубојно: Со дела покажуваме кој е чувар на националниот и културниот идентитет

од Nikola Popovski
143 прегледи

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска во денешната изјава, после разгледувањето на старото училиште во Љубојно заедно со премиерот Ковачевски, рече дека веќе се направени сите неопходни чекори за започнување со реконструкција и ревитализација на првото македонско училиште во Преспа – „Димитар Влахов“ во Љубојно и негова адаптација во „Центар за промоција на македонскиот јазик“.

-Владата, Министерството за култура и Завод и музеј Битола презедоа обврска – објектот пред кој се наоѓаме, кој денес има имотен лист 55, да заживее во чест на македонските дејци и во спомен на сите просветни работници. Да стане собиралиште на лингвистите, педагозите, наставниците и професорите по македонски јазик и да остане како паметник за генерациите по нас дека темелите на ова здание се всушност историски темели на образованието на мајчин, македонски јазик, столбот на нашиот идентитет, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката истакна дека сега училиштето е без покрив, со коров во својата внатрешност, но дека ќе го завршат она што го ветија, обновувајќи го местото кое е темел на нашиот културен и национален идентитет, а тоа е македонскиот јазик.

Според неа, заштитата и промоцијата на македонскиот јазик е клучна за македонскиот културен опстанок, а со отворањето на „Центар за промоција на македонскиот јазик“, на местото на старото училиште, оваа Влада со дела покажува кој вистински се грижи и кој е чувар на националниот и културниот идентитет.

-Знаеме кои сме, во која насока се движиме и што точно поседуваме, затоа и сме одлучни кога станува збор за вакви иницијативи, со кои ја дефинираме културата на нашето општество. Затоа преземаме обврска и одговорност да го чуваме, заштитуваме и да го оставиме културното наследство на идните генерации, како што ни го оставиле нам нашите предци, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.

Министерката додаде дека за нас Македонците, особено оние од Преспа, урнатините од старото училиште се темелите на нашето образование на мајчин, на македонски јазик.

-Овие ѕидови, подигнати од рацете на нашите мајстори пред 116 години, издржале и војни и земјотреси и пожари и невремиња. И пак се тука, како сведоштво за нашата градителска укост и потсетник за нашиот пркос, за кој денес се оддолжуваме и оддаваме почит, истакна министерката за култура.

Старото училиште е во режим на заштита од 2020 година како дел од споменичната целина Љубојно. По неговото автентично обновување, овој монументален објект ќе биде „Центар за промоција на македонскиот јазик“, откако Владата на Република Северна Македонија, на 119-та редовна седница ја усвои Информацијата за изработка на Проект за реконструкција и ревитализација на старото училиште „Димитар Влахов” во село Љубојно.

Старото училиште во Љубојно, на 15-ти ноември 1944-та заѕвоне за првиот час, за почеток на наставата на мајчин, македонски јазик и важи за училиште кое и неколку години потоа беше светилник за сите ученици од овој преспански регион.

Министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, заедно со премиерот Ковачевски и директорката на Завод и музеј Битола, Мери Стојанова, направија обиколка на објектот. Директорката го запозна премиерот и присутните со фактичката состојба во која се наоѓа објектот и презентираше дел од идејниот проект за ревитализација на старото училиште во Центар за промоција на македонскиот јазик преку фотографии.

Имајќи ги предвид вредностите на старото училиште „Димитар Влахов” во селото Љубојно, надлежната НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и музеј“ – Битола, иницираше постапка за негова реконструкција и ревитализација како Центар за промоција на македонскиот јазик.

Слични содржини