Костадиновска-Стојчевска: Секој стручен влог во новиот Закон за употребата на македонскиот јазик е придонес за нашата државност

од Stefanija Kuzmanovska
132 прегледи

Во НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје денеска се одржа јавна дебата за Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, кој е јавно достапен на Електронскиот национален регистар на прописи на Република Северна Македонија.

Пред почетокот на дискусијата, присутните ги поздрави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која изрази благодарност за покажаниот интерес за денешната Јавна дебата.

„Искрено верувам дека имаме квалитетен текст, и очекувам, денеска низ конструктивен дијалог да го дозаокружиме Предлог-законот, што ќе ни овозможи натамошно процесуирање и во форма на Закон, и негово конечно усвојување во Собранието на Северна Македонија“, рече Костадиновска-Стојчевска, која упати благодарост до членовите на Советот за македонски јазик кои, како што рече, имаа посветен, стручен, студиозен и активен придонес во изготвувањето на Предлог-законот, кој се работеше во соработка со Министерството за култура.

Костадиновска-Стојчевска потсети дека во изминатиот период, се продолжи со усовршување на Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, откако процесот беше запрен во 2020 година, по Јавната дебата на која пристигнаа голем број забелешки кои темелно беа разгледани и вметнати во оваа верзија на Предлог-законот.

„Јазикот е нашиот темел, израз на нашиот идентитет. Затоа, секој стручен влог во донесување на правната рамка за негова употреба, чување на неговите посебности е драгоцен придонес за нас самите и за нашата државност“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека Законот за употребата на македонскиот јазик има квалитативно дополнување со моделот на заштита на јазикот, предвиден во Законот за заштита на културното наследство.

Нашата земја во функција на зголемување и подобрување на мерките за заштита на јазикот, како дел од нематеријалното (духовното) културно наследство, е потписничка и на Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство, донесена од УНЕСКО, во Париз.

Во оваа насока, рече Костадиновска-Стојчевска, е и одлуката за прогласување за духовно културно наследство од особено значење од областа на јазикот на картотеките во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, кои се регистрирани како културно наследство „екс леге“ (ex lege), а кои оваа Влада со посебен проект ги дигитализираше и трајно ги заштити.

Проф.д-р. Елизабета Бандиловска, член на Советот за македонски јазик, во своето излагање ги нагласи причините за изработката на Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик.

Бандиловска истакна дека во практиката сè повеќе се забележува непочитувањето на законските мерки и негрижата за македонскиот јазик во различни сегменти и на различни нивоа од општествениот живот.

„Водејќи се од потребата за подигање на јазичната култура, негувањето и заштитата на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, како и афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилната употреба на македонскиот јазик во јавната комуникација се предлага донесување нов Закон за употребата на македонскиот јазик со кој ќе се прошират областите во кој задолжително се употребува македонскиот стандарден јазик“, додаде Бандиловска.

Таа информираше за неколку новини во Предлог-законот, меѓу кои е и формирање на Инспекторат за македонски јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице, чија цел ќе биде дејствување на терен и подигнување на свеста за важноста од правилната употреба на македонскиот јазик.

Ќе се изработува и Национална стратегија за македонскиот јазик, за што ќе биде вклучен Советот за македонски јазик и значајни високообразовни институции.

Министерството за образование и наука, во текот на академската година, ќе објавува конкурс за стипендирање студенти за изучување на македонскиот јазик во сите три циклуси на високото образование.

Слични содржини