Костадиновска-Стојчевска: И покрај престижниот статус на Охридскиот регион, остануваат и препораките за негово зачувување

од Nikola Popovski
246 прегледи

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на прес-конференција на која кажа дека УНЕСКО го остави Охридскиот регион во листата на заштитено културно наследство, обрна внимание на фактот дека и покрај престижниот статус, остануваат и препораките за негово зачувување.

„Препораките не се лесни и нивното реализирање бара наше целосно внимание. За да постигнеме успех во тоа, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските – и централната власт и локалната самоуправа и установите и граѓаните. Од нашата соработка ќе зависи имплементацијата на посочените мерки за рехабилитација на Регионот. Обврските се точно адресирани“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека многу работи од препораките ги имаме почнато, но останува нивната целосна реализација. Како примери ги истакна препораката да се финализира прогласувањето на Студенчишко Блато за „парк на природата“, а Охридското Езеро за „споменик на природата“. Работите во овој поглед се во финална фаза.

“Што поскоро ќе изготват нови генерални урбанистички планови за Охрид и за Струга, а треба да продолжи адресирањето на проблемот со бесправните објекти и да се осигури дека оние што се отстранети нема да се обноват, но и дека нема да се појават нови нелегални градби. Реактивната мониторинг-мисија на Центарот за светско наследство на УНЕСКО и на советодавните тела во почетокот на следната година повторно ќе дојде за да ја оцени имплементацијата на препораките и на мерките за рехабилитација на Регионот. Експертските тимови ќе продолжат интензивно и координирано да работат и да дејствуваат во детектирањето и справувањето со факторите кои имаат негативно влијание врз природните особености и вредности на Охридскиот Регион” сподели Костадиновска-Стојчевска.

Слични содржини