За помалку од десет месеци се локалните избори, така што на краток и среден род, во фокусот на нашето внимание ќе бидат локалните случувања, потребите на граѓаните и предизвиците со кои тие се соочуваат во рамки на општините во кои живеат, истакна потпретседателка на СДСМ Кристина Костова во интервју за порталот „Рацин“.
Костова нагласи дека во изминативе три и пол години градоначалниците од редовите на ДПМНЕ го задржааа оној, за нив препознатлив, козметички пристап кон водењето на локалната власт и наместо да ги решаваат постоечките проблеми, тие создаваат нови.
Помпезно ги парадираат ситните интервенции и завршувањето на сервисни, ремонтни и тековни активности, додека не покажуваат никаква визија за насоките во кои нивните општини треба да се движат во деценииве кои доаѓаат. Не реализирале ниту еден проект значаен за генерациите кои доаѓаат, а во најголем дел од градовите со огромна брзина одобрија претворање во сива, бетонска зона и кревање станбени згради без усул и план, што, пак, придонесува кон вештачко кревање на цените на станбените објекти, истакна Костова, додавајќи дека градовите се под опсада на градежната мафија, која е во изразена присност со дпмневските челници, сообраќајот во поголемите градови е хаотичен, особено во централните градски подрачја.
Затоа е важно за секоја Општина и за Град Скопје да понудиме реални и одржливи решенија за проблемите на граѓаните. Тоа можеме да го постигнеме само со цврсто збиени редови, искористување на сиот партиски кадровски и човечки потенцијал. Во средиштето на нашата понуда ќе бидат решенијата за проблемите, како и поставување визија за развој на општините во која секој граѓанин ќе може да се пронајде, нагласи потпретседателка на СДСМ Кристина Костова во интервју за порталот „Рацин“.