Бизнисменот Трифун Костовски тврди дека не добил никакво известување дека личниот имот му е замрзнат или дека сметките му се блокирани.
„Ова што е замрзнато не поминува повеќе од 500, 600 илјади евра. Не поминува. Имам две стари возила кои се на мое име, стари по дваесет години. Тоа е мојот имот, тука. Ако мојата куќа ги надополни потребите на штедачите, еве им ја давам слободно, јас ќе одам во некој дом и готово. Сакам да кажам не се плашам од ништо во животот“, изјавил Костовски во интервју за Алсат и додава дека денеска му се сопрени сите финансиски текови.
„Што знам дали и пензијата ќе ја добијам, ќе видиме, ќе проверам сега на први дали ќе добијам“, додава Костовски.
Според него, во затворањето на Еуростандард банка, тој гледа и бизнис и политика.
„Имаме истражни органи, полиција, тие ќе стигнат до нив. Ако бидат толку слободни да ги изнесат на виделина кои се организаторите, бидејќи се многу блиски до власта“, истакнува Костовски.
Костовски барал средба со државниот обвинител, но сè уште не добил одговор.
Според податоците на Народната банка во Еуростандард сметки имале повеќе од 2.000 фирми, кои вложиле приближно 13 милиони евра. Свои сметки имале и 136.000 домаќинства кои во банката чувале вкупно 112,3 милиони евра. Заштедите до 30.000 евра се веќе обесштетени преку Фондот за осигурување на депозитите, а се над таа сума, треба да се бара од стечајната маса која според сегашните сознанија не е доволна за целосно обесштетување. Во банката 780 штедачи на своите штедни книшки имале повеќе од 30.000 евра. Тие од стечајната маса побаруваат 27,8 милиони евра.
Еуростандард има и големи побарувања. Треба да наплати кредити во вредност од 94,4 милиони евра, и тоа 68,6 милиони евра на фирми и 25,8 милиони евра на домаќинства. Но, дел од кредитите за фирми се назначени како ненаплатливи. Такви се 55 милиони евра дадени на 149 фирми, кои се 72,6 отсто од вкупните кредити што ги издала банката. Тие се всушност причина за нејзиното пропаѓање.
Штедачите кои нема да си ја добијат целата заштедена сума, како што е познато, постојано протестираат и бараат да се испита дали има криминал во банката со толку ненаплатливи кредитити. Со иницијатива пред Уставниот суд го оспоруваат и правото на Фондот за осигурување депозити да има предност при наплатата од стечајната маса. На нивно инсистирање во Собранието се одржа надзорна расправа со цел да се откријат причините за пропаста на банката.
Како што откри на расправата директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, паралелно со стечајот се води и истрага. Тој обелодени дека за Еуростандард банка освен нив постапка водат и ОЈО и Обвинителството за организиран криминал. Се испитува каде завршиле парите од ненаплатливите кредити. Во истрагата за дел од фирмите има докази, а за дел уште се истражува.