Ковач: НАТО е подготвен да дејствува во БиХ

од Vladimir Zorba
66 прегледи

Поранешниот хрватски министер за надворешни работи, Миро Ковач во гостувањето во емисијата RTL Danas ја коментираше актуелната политичка ситуација во Босна и Херцеговина, вклучително и одлуката на Судот на БиХ за апсење на претседателот на Република Српска, Милорад Додик.

Зборувајќи за ситуацијата во БиХ, Ковач ја истакна важноста од мирни и одговорни постапки на политичките претставници, особено на хрватското раководство во БиХ.

„Најважно е Хрватите во БиХ да останат мирни, прибрани и претпазливи. Тие треба да избегнуваат какви било повици за радикализација и да го зачуваат уставниот и правниот поредок на државата, почитувајќи ги нејзиниот Устав и закони. Хрватска силно ќе ги поддржи во тоа“, рече Ковач.

Осврнувајќи се на налогот за апсење на Милорад Додик, Ковач нагласи дека силите на ЕУФОР и високиот претставник Кристијан Шмит, како и НАТО, ќе имаат клучна улога.

„Ќе видиме како ЕУФОР и високиот претставник ќе реагираат и дали ќе одлучат за операција за апсење. Според моите информации, НАТО веќе има направено симулација за тоа како да се постапи во случај на немири во БиХ, што значи дека силите се подготвени да дејствуваат. Доколку се донесе одлука за приведување на Додик, претпоставувам дека операцијата ќе биде успешно спроведена“, рече Ковач.

На крајот, тој истакна дека БиХ мора да најде решенија преку дијалог и политички договор меѓу претставниците на трите конститутивни народи, но и дека, како што рече, очигледно е дека тоа не е можно без меѓународно влијание.

„За жал, сведоци сме на процес на радикализација. Затоа е важно ЕУФОР да ја покаже својата подготвеност да дејствува за да се зачува мирот и стабилноста во БиХ“, заклучи Ковач.

Слични содржини