Бугарија изразува јасен став за Северна Македонија: Софија не сака земјата, со која идните генерации ќе имаат проблеми со фалсификување на историјата, да влезе во Европската унија, изјави бугарскиот пратеник на владејачката партија ГЕРБ, Андреј Ковачев.
„Сега тие се преправаат дека нешто погрешно разбрале, дека не им дозволуваме да се декларираат како Македонци и дека не го признаваме нивниот јазик. Главниот елемент на нашето несогласување е историјата и ништо друго“, рече пратеникот.
Бугарскиот пратеник го коментираше и предлогот на премиерот Зоран Заев за дополнување на постојниот договор за добрососедство со документ во кој Северна Македонија потврдува дека нема територијални претензии кон Бугарија.
Според Ковачев, тоа е нешто што е очигледно и се наоѓа во заедничката декларација на премиерите на Бугарија и на Македонија од 1999 година.
„Многу е дарежливо за Северна Македонија да потпише амандман на договорот што зборува за отсуство на територијални претензии кон Бугарија, но тоа не е доволно и тоа воопшто не е случај“, рече тој во емисијата на телевизискиот канал „Европа“.
Тој смета дека нашата земја манипулира со историјата и дека треба да обрнат внимание на тоа.
Бугарско-македонската историска комисија треба да ги расчисти спорните точки и да ја измени наставната програма.
Претходно, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи рече дека земјите работат на решавање на разликите во однос на договорот за добрососедство и дека работат на дополнување на овој документ.