Овие 32 години независност покажаа дека тешките одлуки денес значат подобра иднина утре. Оваа денешна реалност, кога светот ја признава македонската државност, македонскиот јазик, идентитет, културна посебност, кога Европа ни отвора врата да седнеме на големата маса, рамноправни, го дава суштинското значење на државничките одлуки, рече денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски по повод Денот на независноста, 8 Септември, во обраќање на традиционалниот пикник во Пеленица, општина Кисела Вода.
-32 години го обликуваа нашиот досегашен пат како суверена, независна и демократска држава. Сите овие години ја потврдија и решителноста на сите наши граѓани за слободна, напредна и економски развиена татковина, рамо до рамо со европските народи. Надминавме бројни предизвици и секој од нив не направи посилни. Успеавме на трнливиот пат иако не беше воопшто лесно. Со право денеска граѓаните имаат длабоко чувство на гордост. 32 години подоцна: Македонија е меѓународно признаена држава, слободна и суверена, со обезбедени граници, со признаен македонски јазик и идентитет, со развојна економија, повисоки плати и пензии, успешна мултиетничка демократија, членка на НАТО и на патот кон Европската Унија. Оваа денешна реалност, кога светот ја признава македонската државност, македонскиот јазик, идентитет, културна посебност, кога Европа ни отвора врата да седнеме на големата маса, рамноправни, го дава суштинското значење на државничките одлуки, рече Ковачевски.
Каква ќе беше нашата иднина ако на тој 8 ми септември 1991 година останевме дома и не донесевме одлука? Каква ќе беше судбината на овој народ и оваа држава ако дозволевме да не зафати балканскиот виор на војни и крвопролевања? Како ќе ги сочувавме безбедноста, мирот и спокојот на граѓаните ако не бевме членка на НАТО во време на воја на тлото на Европа?, запраша Ковачевски.
И секој политичар денес, треба да се запраша која е неговата улога за иднината на земјата. Која е неговата должност за продолжување на долгиот синџир на македонската државност, додаде тој.
-8 Септември не го означува само новото поглавје во нашата современа историја, туку континуитетот на силната, нераскинлива волја на сите наши граѓани Од Илинден 903-та. АСНОМ 44-та. Референдумот за независност -91-та., рече претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски во обраќањето.