Ако го погледнеме бруто-домашниот производ во светот, ќе видиме дека 60% од светскиот БДП се прави во САД и ЕУ, само 25% во земјите од Брикс, а остатокот во останатите земји. Затоа кога говориме дека местото на нашата држава е во ЕУ, рамо до рамо со САД, тоа значи дека сакаме земјата да ја поставиме таму каде што се најдобрите и најразвиените, рече премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ) на тема „Европа – ДА, Европа – СЕГА“.
Претседателот на Владата посочи дека ЕУ има и единствен пазар од 500 милиони луѓе што овозможува економија од обем.
Се проценува дека БДП на ЕУ во целина заради синергетскиот ефект е поголем за 10% отколку што би бил доколку земјите-членки не би биле интегрирани меѓу себе. Тоа во реални пари значи дека секој жител во ЕУ има 850 евра дополнителен годишен доход во текот на една година само затоа што земјата е членка на Унијата, истакна Ковачевски.
Премиерот додаде дека во сите овие години, финансиската поддршка од ЕУ за земјава се проценува на 3,3 милијарди евра, средства кои сме ги добиле преку грантови и макрофинансиска поддршка. Тоа овозможило, наведе Ковачевски, индиректно поголеми плати и пензии, намалување на невработеноста, зголемување на инвестициите и изградба на подобра инфраструктура во државата.
Мора да ја донесеме Европа тука и така да бидеме препознаени како нова, достоинствена и почитувана членка. Интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ значи дека Унијата ќе има регион кој е најбрзорастечки во однос на сите други земји-членки. Овде има работна сила која е вредна, инвеститори кои сакаат да инвестираат и проекти во инфраструктурата кои се градат првпат, рече меѓу другото премиерот.
Ковачевски информира и за тоа какви ќе бидат придобивките од членството во ЕУ.
Во првите пет години ќе значи повисоки плати од 70 до 100%, пораст на БДП од 80 до 90%, зголемен број на работни места, за 30 до 40% зголемен број на мали и средни претпријатија во економијата. Во 2008 година, Македонија и Хрватска беа на иста позиција да станат дел од ЕУ. Пред два дена, премиерот на Хрватска Пленковиќ изјави дека Хрватска за 10 години членство во ЕУ е 12 милијарди евра во плус. Хрватска во ЕУ влезе во 2013 со стапка на невработеност од 18% ,а во 2022 година, таа стапка изнесува 6%. Овде на Форумот имаме реномирани професори и академци кои едноставно ќе пресметаат колку С. Македонија има изгубено за овие 18 години чекање во однос на БДП, платите и неврабеноста, наброја претседателот на Владата.