“Вложуваме интензивно во инфраструктурата и во време на светската економска криза, затоа што кога велиме дека градиме европска држава, мислиме на евроинтеграциите, но пред сè на европски квалитет на живот и европски животен стандард за граѓаните, тука дома”, изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешниот увид на градежни работи за рехабилитација на делницата Фариш – Прилеп, после превојот Плетвар, каде беше заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП Државни патишта Ејуп Рустеми.
“Овде на Плетвар, направив увид во градежните работи, и според ова што може да се види, завршува реконструкцијата на делницата Плетвар. 90 проценти од градежните работи на делницата се завршени. Сега се поставуваат сообраќајна сигнализација и банкини. Верувам дека сите овде присутни напорно работат на завршните работи, и затоа ќе си дозволам уште од сега да ве поканам сите вас, на пуштањето во употреба на делницата Плетвар, важна секција во должина од 19 километри која е значајна бидејќи е дел од главниот магистрален пат за цела Пелагонија. Ова е практично е продолжување на новиот експресен пат од Градско до Плетвар”, рече премиерот Ковачевски и најави дека за околу месец дена, ќе може да видиме, готов, отворен и функционален пат.