Премиерот Димитар Ковачевски вчера одговори на барањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за телевизиски дуел или средба со него.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера одговори на барањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за телевизиски дуел или средба со него за, како што вели, да го презентира неговиот концепт „за ублажување на последиците од енергетската криза и спас на работни места“. Ковачевски на Мицкоски му порача дека оваа тешка зима и економско-енергетска криза ќе се пребродат само доколку „сите сме насочени кон изнаоѓање на решенија кои ќе обезбедат енергенси, струја и храна за граѓаните и дека не е време за политички поени и лицитации, покани за дуели и средби, туку е време за работа, за заедништво и за креирање на политики за добробит на сите граѓани“.
– Во врска со понудите кои ВМРО-ДПМНЕ ги споменуваат деновиве во медиумите, со оглед на ургентноста, верувам дека веќе и ги имаат доставено до ЕСМ како што побара и предочи директорот на компанијата, со оглед на фактот дека тоа е институционалната процедура по која државата може да постапи, изјави вчера Ковачевски за МИА.
Премиерот потенцира дека економските политики се креираат институционално во Владата, на Економскиот совет и со учество на сите засегнати страни и одлуките пак се носат на владини комисии и седница, а не на партиски штабови и со помош на партиски структури.
– Економскиот совет во проширен состав, е формиран во рамки на Владата, со цел во кризни времиња, во широка консултација, да се донесат сеопфатни и издржани одлуки во интерес на граѓаните. На овој Економски совет секогаш и во време на корона кризата, покана имале сите чинители, претставници на опозицијата, стопанските комори, претседателот на ЗЕЛС, професори од академската заедница, со единствена намера да се креираат најдобрите решенија за економската иднина на државата, потенцира премиерот Ковечевски.
Тој додаде дека на последниот Економски совет во проширен состав, покана била испратена и до ВМРО-ДПМНЕ, но ниту еден претставник од оваа партија не се појавил на седницата.
– Поканата за нив останува отворена и за следниот Економски совет кој ќе се одржи оваа среда во 12 часот. Владата е отворена и тие се секако добредојдени да ги презентираат решенијата кои ги имаат, истакна премиерот Ковачевски.