„Процесот на европско интегрирање и на нашата држава и на регионот нема алтернатива. Тоа им е јасно на сите. Ако ги погледнете истражувањата на јавното мислење, најголемиот консензус што го имаат сите граѓаните од земјите од Западен Балкан, вклучително и на нашата држава е зачленување на своите земји и на регионот во Европската Унија. Секаде процентите се 70, 80, па и 90 проценти во дел од државите”, посочи премиерот Ковачевски.
Констатацијата дека за Северна Македонија нема друга алтернатива, освен членство во ЕУ, премиерот Ковачевски ја објасни со конкретните придобивки од евроинтеграцијата, од значење за демократијата, економијата, граѓаните.
„Зачленување во ЕУ значи повисок животен стандард, економски просперитет, подобра социјална правда и врвно владеење на демократија и владеење на правото”, рече премиерот, потсетувајки дека никој не понудил друга алтернатива досега за овој процес.
„Кој е тој кој го кочи тој пат на европското интегрирање на државата – тоа се истите тие кои го кочеа зачленувањето на државата во НАТО”, рече премиерот Ковачевски.
„Ние имавме влада на ВМРО – ДПМНЕ, 11 години, кога немавме ниту еден исчекор, одлука во делот на зачленување во НАТО и во ЕУ. Секогаш одлагаа, секогаш ги одложуваа за да на крајот да имаме потешки и полоши решенија”, посочи премиерот и воочи дека истото се случува и денес.