Ковачевски: „ФЕЦ Новаци“ ќе ги задоволува потребите на 30 илјади семејства

од Nikola Popovski
293 прегледи

„Упатувам честитки за домашната компанија „МЕЈ Енерџи“ за новата најголема инвестиција во фотоволтаична централа на Балканот, која се наоѓа тука во Општина Новаци со вкупна површина од 57 хектари. Новата централа, е со капацитет од 55 MW и годишно е проектирано да произведува 85.000 MWh што претставува електрична енергија која е доволна за задоволување на потребите на 30.000 семејства во државата“ рече премиерот Димитар Ковачевски во неговото обраќање на отворањето на фотоволтаичната централа „ФЕЦ Новаци“.

Тој додаде дека е убеден оти оваа фотоволтаична централа ќе дава 20 до 25 проценти повеќе електрична енергија со оглед на тоа што сончевата инсолација во нашата држава е најдобра во однос на сите држави во светот и затоа ако некој треба да е горд што живее во земја на сонцето, тоа треба да сме сите ние без разлика кој каде припаѓаме.

„Ако нешто треба да направиме, тогаш сите заедно обединети оваа земја на сонце која во моментов е пример за енергетска трансформација да биде најдобриот пример како земја членка на ЕУ за зелен центар на ЕУ во моментот кога до 2030 година ќе станеме земја членка на ЕУ“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека Владата создава услови за вакви крупни инвестиции и поставува курс за тоа како треба да изгледа државата во иднина кога зборуваме за производство на енергија и зелена индустрија.

„Стабилноста во обезбедувањето на електрична енергија преку сите расположливи ресурси е наш врвен приоритет, и успеавме кризата да ја претвориме во можност“ рече Ковачевски.

Слични содржини