Ковачевски и Маричиќ на дебата за проширувањето во ЕП: Членството во ЕУ нуди трајна заштита на македонскиот идентитет

од Radmila Tasevska
322 прегледи

Членството во Европската Унија игра клучна улога во консолидирањето и унапредувањето на македонскиот идентитет и нуди негова трајна заштита во европски и во глобални рамки, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на дебатата во Европскиот парламент посветена на проширувањето на ЕУ со европратеници од редовите на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократи (СД).

– Членството во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но не и невозможна цел. Владата предводена од СДСМ има искрена и јасна намера успешно да го заврши процесот. Владата има јасен план и поставена цел кои се дополнителна движечка сила побрзо да чекориме во реформирањето на општеството, рече Ковачевски на дебатата на која присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Ковачевски посочи дека процесот на зачленување во ЕУ е сложен и бара континуитет и силна волја, но дека тоа треба да се направи не поради Унијата, туку поради нашите граѓани.

– Подготвени сме за овој предизвик и испит, а имаме и целосна поддршка од Европската комисија за забрзување на темпото на пристапните преговори. Имаме силна поддршка од европските институции, од државите членки, од високите европски претставници. Вашето присуство кај нас и оддавање почит на нашата земја и народ е јасна порака дека имаме пријатели и сојузници во ЕУ и дека Северна Македонија ја гледате како идна земја членка на Унијата, рече премиерот.

Тој потсети дека со затворање на скринингот по поглавјата 30 и 31, Северна Македонија успешно го завршува овој процес, а извештајот од него ќе биде патоказ за забрзување на трансформацијата на општеството, што ќе биде единствено возможно преку процесот на преговори со ЕУ.

– Скринингот беше тежок државнички процес, но претставува најдобар механизам за спроведување реформи кои ќе придонесат за зајакнување на демократијата и создавање зрело општество со силни и ефикасни институции. Оценките кои ги добиваме од ЕК се одлични. Нашата подготвеност и транспонираност на европското законодавство е на завидно ниво, рече Ковачевски.

Тој се осврна и на Планот на ЕК за раст на Западниот Балкан, посочувајќи дека земјава мора да ги искористи можностите што тој ги нуди за да се поттикне економскиот напредок, да се отворат нови работни места, да се подобри животниот стандард на граѓаните и да им се овозможи на нашите компании пристап до делови од единствениот европски пазар, дури и пред полноправното членство во ЕУ.

– Со членството во ЕУ, Северна Македонија ќе има можност да добие пристап до важни делови од единствениот европски паза. Оваа прилика мораме да ја искористиме, а за тоа имаме и целосна поддршка од ЕУ. Нашата социјалдемократска политика нуди пат на напредок, со крајна цел членство во ЕУ, бидејќи Северна Македонија припаѓа таму. Северна Македонија треба да е дел од заедницата на вредности, изјави Ковачевски.

Тој нагласи дека СДСМ како владејачка партија во изминатите седум години ја вратила социјалната правда и рамномерна распределба на буџетските средства со цел намалување на социјалната нееднаквост и во услови на најголемата здравствена економска и енергетска криза и дека клучните приоритети биле социјалната заштита, подобрување на економскиот и општествениот стандард.

– Преку нашите социјалдемократските политики ги вративме граѓанските права и демократијата, со што овозможивме транспарентни и отворени државни институции и еднакви права и можности во нашето општество. Граѓаните во нашата држава се свесни за позитивното влијание на овие политики, бидејќи директно и позитивно влијаат врз нивните животи. Во овие турбулентни времиња, Владата им даде поддршка на компаниите, земјоделците и ранливите групи, обезбедувајќи ја нивната издржливост и овозможувајќи им да ги надминат предизвиците. Веќе седум години не само македонското општество, туку и меѓународната заедница ја вреднува нашата политика заснована на солидарност, хуманост и меѓусебното почитување, што всушност се основа на социјалдемократски вредности на кој што почива нашето делување, работење и функционирање како политички субјект во Република Северна Македонија, рече Ковачевски.

Тој им се заблагодари на европратениците од СД за поддршката на интеграцијата на земјава во ЕУ и порача дека пратениците во македонското Собрание мора да го стават постигнувањето на заедничките национални и општествени цели пред политичките и идеолошките разлики.

– Некои одлуки треба да ги донесеме поради сите граѓани на Северна Македонија, нивната иднина е пред сите политички и идеолошките разлики. Без разлика на партиската припадност пратениците се избрани од граѓаните, затоа мора да покажат конструктивност во име на граѓаните, мора да покажат единство за благосостојба на нашите граѓани и нашето општество. Пратениците во Северна Македонија добиваат мандат од граѓаните и работат и носат одлуки согласно Уставот, Законот и Деловникот. Така било, така е и така ќе биде и во иднина, рече Ковачевски.

Во текот на дебатата, европратениците искажаа позитивни коментари за европскиот напредок на Северна Македонија, посочувајќи дека земјава е успешен пример за мултикултурно општество, како за регионот, така и за Европа, со што на свој начин придонесува во забрзувањето на процесот на интеграција на Западен Балкан во ЕУ.

Европратениците констатираа дека во изминативе неколку години, земјава посветено работела на реформи во социјалната и економската сферата и во делот на владеењето на правото, при тоа истакнувајќи ја силната поддршка на европратениците социјалисти и демократи за продолжување на тој пат.

Тие заклучија дека движечката определба на групата на СД во Европскиот Парламент е клучна за реализација на планот за проширување на европското семејство, нагласувајќи ја исклучително сложената геостратешка ситуација што произведе препораки со кои е донесена Резолуцијата за проширување, заснована на препораките од Конференцијата за иднината на Европа, водејќи сметка за постоечкиот контекст, предизвиците и повеќекратните кризи со кои се соочуваат Унијата и светот во целина.

Заклучокот од дебатата беше дека социјалдемократската политика претставува предводник за мирот, спроведувањето на демократијата, владеењето на правото и благосостојбата во Европа за сите земји кои биле опфатени со претходните проширувања на ЕУ.

Според нив, европскиот фронт е сигурна патека за водење на земјите од Западен Балкан кон успешно приклучување кон Европската Унија, при што Прогресивната алијанса е движечка сила која му носи просперитет на општеството и истовремено го зацврстува и го гради во економски стабилна и сигурна средина.

Европратениците ја истакнаа и обврската на македонското Собрание, во овие важни моменти, да ја преземе одговорноста со усвојување на уставните измени и да и овозможи на државата да оди напред кон реализација на европската агенда и полноправно членство во ЕУ.

Тие воедно посакаа македонските пратеници час поскоро да се придружат на Европарламентот, истакнувајќи дека Северна Македонија му припаѓа на европското семејство и дека без сомнение земјата ќе успее да биде дел од Унијата до 2030 година.

Слични содржини