Ковачевски: Измените на Кривичниот законик не значат никаква амнестија, ниту помилување

од Radmila Tasevska
168 прегледи

Измените на Кривичниот законик не значат никаква амнестија, ниту помилување. Не можеме да градиме правосуден систем врз основа на законски одредби од 19 век и од комунистички режим, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Тој тврди дека немало „пазар“ околу донесувањето на измените кои, како што нагласи, минале низ јавна парламентарна дискусија која можел да ја проследи секој од директен пренос.

Со измените на Кривичниот законик, дециден е Ковачевски, се конкретизираат кривичните дела, се овозможува поголема ефикасност и ефективност на судските постапки, се зголемува бројот на казнивите дела и на фреквенцијата на казните, а не само на нивната должина, но и се предвидува проширена конфискација. Порано, објасни, сите случаи се водеа под еден општ член – злоупотреба на службена положба, а сега се конкретизира што точно лицето направило.

-Ако имало амнестија денеска веројатно некој ќе биде амнестиран, бидејќи Законот е веќе потпишан од претседателот на државата. Прво, ова не значи никакво помилување и не значи никаква амнестија за никого, тоа го кажа и претседателот на државата Пендаровски кој е правник, професор по правни науки. Јас сум професор по економски науки и ако го прочитате Законот тогаш ќе видите дека нема никакво помилување и никаква амнестија за никого, туку напротив, има конкретизација на кривичните дела кои некој ги направил. Некој сака да претстави дека со овие измени немало да се казнуваат дела што се однесуваат на јавни набавки, а има конкретно кривично дело во Кривичниот закон – казнивост за злоупотреба при организирање на јавни набавки. Што се правеше во минатото? Сите случаи се водеа под еден општ член – злоупотреба на службена положба. Сега се конкретизира што точно лицето направило. Кај нас се случуваше во минатото да имате еден случај со 10 обвинети по исти член и потоа 10 години некој им докажува кој што направил, објасни Ковачевски и повтори дека донесените измени значат усогласување со ЕУ директивата 42 – 2014 во која се предвидува проширена конфискација во дела казниви согласно Кривичниот законик.

Негова оценка е дека „доколку обвините некого за нешто што направил конкретно, тогаш постапката е и поефикасна и постапката е поефективна“.

-Казната е побрза и секако дека следува проширена конфискација, бидејќи една од дебатите што се водеше во нашето општество беше – па добро, еве ги казнуваат, траат постапките со години, притворите траат со години. Вие знаете дека невладините организации и меѓународниот фактор во Северна Македонија имаа забелешки зошто кај нас притворите траат по неколку години, па затоа зошто постапките траат по неколку години и на крајот граѓаните секогаш се прашуваат – па добро, каде е конфискацијата. Овие измени се токму за тоа, побрза казнивост, идентификување на конкретни дела и конфискација на нелегално, односно на неправилно и незаконски стекнат имот. Никаде во законот ако го погледнете нема никаква ниту амнестија за никого, рече премиерот.

Укажа и дека има измени во општиот член 353 кој, како што рече, многу се експлоатира во јавноста.

-Таков член ако во германското законодаствство нема, а и во Словенија, членките на ЕУ, исто така има конкретизирани дела во кривичните закони. Ако го погледенете нашиот Кривичен законик, постојат 422 основи по кои може и треба да се прави кривично гонење, а во минатото во најголем дел се правеле врз основа на општ член, согласно тоа судските постапки, сите сме сведоци, траат со години, а некои со децении и притоа никогаш не се случува комплетно имотот што бил злоупотребен врз основа на неправилно спроведени постапки, да биде конфискуван во целост. Со ова се овозможува токму тоа. Измнеите овозмпожуват и поголема ефикасност и ефективност на судксите постапки. Сите сме сведоци дека во државата се водат судски случаи кои се водат врз онова на општи членови и кои, бидејќи толку доглот траат, а се менуваат судии, обвинители, поротници, и на крај не се доаѓа до никакво резултат, рече Ковачевски. Со измените се зголемува и бројот на казниви дела, на фреквенцијата на казните, а не само на нивната должина. Што вреди ако 100 луѓе направиле некаква злоупотреба  а само еден е казнет, потенцира премиерот.

Прашан како ги коментира реакциите во јавноста дека можеби станува збор за меѓупартиски пазар во однос на измените на Кривичниот законик, потсети дека измените на Кривичниот законик беа презентирани на пленарна седница, а потоа беа ставени и пред Комисијата за европски прашања која можеше секој да ја следи низ директен пренос и да ги слушнат дискусиите.

-Потоа повторно имаше дискусии на пленарната седница. Ако било некаков пазар каков што не било, тогаш веројатно и на друг начин ќе се одвивала целата постапка. Вие гледате дека има и јавни настапи, има од страна на опозицијата, од страна на власта па ако ја погледнете и коалицијата на власта има мислења коишто не се сосема исти со оглед на различното гледање од идеолошка и од која било друга провиниенција на членовите на коалицијата. Меѓутоа, сите се согласни во едно дека државата мора да го усогласи законодавството со ЕУ, ова е чекор кон усогласување на законодавството во делот на Кривичниот законик со законодавството на ЕУ и мора конечно правдата да биде врз основа на брзи, ефикасни, ефективни постапки со проширена конфискација на она што некој го стекнал во текот на извршување на одредени незаконски дејанија. Ние не можеме да замижуваме пред фактот дека во државата постојат лица за кои се водат постапки кривични по општ член којшто го имаше во КЗ пред оваа промена која што е направена, одобрена од сите и потпишана од претседателот и сите граѓани да се прашуваат – па добро, имотот никој не му го чепка и никој не прашува како е стекнат тој имот. И затоа се направени овие измени, бидејќи погледнете го – повторувам уште еднаш, и германското законодавство и словенечкото законодавство, погледнете ја висината на казните и погледнете ги членовите коишто ги има. Тоа ќе го најдете што го има сега во новиот КЗ со овие измени коишто се направени. А комплетен нов КЗ ќе можете, мислам дека беше поставен веќе и на ЕНЕР ќе можете да видите дека е комплетно усогласен со законодавствата на најразвиените држави во ЕУ, рече Ковачевски.

Според премиерот, на собраниската Комисија за европски прашања немаше предолга дискусија околу измените на Кривичниот законик од која било пратеничка група, а и сите пратенички групи, напомена, беа во Собранието кога се гласаше.

-Видов дека во Собранието немаше предолга дискусија на Комисијата за европски прашања од која било пратеничка група, дури видов дека сите пратенички групи беа во Собранието кога се гласаше, дел го поддржаа, дел сметаа заради нивното  образование зашто се од други струки, дека им треба објаснување кое може да го добијат од професори на правниот факулте и експерти, за да можат да продолжат со одлучувањето и по однос на новиот Кривичен законик што се подготвува и врз основа на кој ќе се доусогласат сите одредби, истакна Ковачевски.

Слични содржини