Историската комисија е составена од професори по историја и тие работат согласно својата методологија, со правила коишто ги имаат самите воспоставено како експерти и таа комисија се ко-претседава со двајца професори, едниот од нашата држава, другиот од Република Бугарија. Интенцијата на таа комисија е да излезат со заеднички став за отворените прашања и сметам дека не е корисно доколку едниот или другиот дел од комисијата излегува со неусогласени ставови бидејќи тоа креира атмосфера во којашто другата страна треба да одговара на прашања или тези коишто се поставени од страната што дала одредена изјава, изјави во интервју за МИА премиерот Димитар Ковачевси.
За таа цел, продолжува тој, и кога работеа другите групи, историската комисија, двајцата ко-претседатели кажаа дека ќе ја забрзаат нејзината работа со цел да дојдат до решенија коишто заеднички ќе можат да ги споделат со институциите во двете држави, коишто решенија ќе претставуваат основа за понатамошен развој помеѓу државите.
На прашање дали опаѓа поддршката на Македонците, од сите етнички заедници, за ЕУ, Ковачевски смета дека одолговлекување на било кој процес кога имате одредена цел, секогаш ја намалува посветеноста на општеството како целина.
-Меѓутоа сметам дека во нашиот случај прво процесот трае премногу долго што секако може да роди одреден тип на скептицизам кај одредени граѓани меѓутоа може и да побуди интерес кај одредени трети страни коишто не се заинтересирани овој регион да биде целосно интегриран во ЕУ. И затоа велам дека сите заедно треба да работиме на овој процес, како ние во Република Северна Македонија, преку нашата вклученост во разговорите со Република Бугарија, на ист начин Република Бугарија преку вклученост во разговорите со нас. И секако Европската Комисија и другите институции преку нивната улога за забрзување на овој процес, односно за олеснување на овој процес, дециден е премиерот.