Се грижиме за сите, донесовме нов пакет антикризни мерки, 9-ти по ред, во вредност од 662 милиони евра за поддршка на ранливи граѓани, ученици, студенти, пензионери, граѓани – корисници на социјална помош, граѓани со посебни потреби, самохрани родители, домаќинства со ниски приходи, земјоделци, компании, потенцираше на денешната трибина „Повеќе за сите“ претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.
– Со овие мерки се опфатени 120.000 млади лица, над 74.000 социјално ранливи граѓани, над 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, речиси 540.000 корисници на апликацијата мој ДДВ, 600.000 домаќинства и над 70.000 компании. Пакетот содржи и системски мерки со кои за 2023 и 2024 година се опфатени над 338.000 пензионери и 106 000 вработени во јавен сектор. Ветив дека никој нема да биде оставен сам и никој не е оставен сам, рече Ковачевски.
Со овој последен пакет мерки, 105.000 ученици во основното образование и средношколци, во наредните 6 месеци ќе добиваат финансиска помош по 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно. Дополнително, 15.000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање, ќе добијат ваучер за превоз во износ од 600 до 1.200 денари, за наредните 7 месеци, додаде Ковачевски објаснувајќи ги дел од мерките.
Опфатени се и корисници на надоместок заради попреченост, самохрани родители – корисници на гарантирана минимална помош и родители на деца со попреченост до 26 години, кои користат посебен додаток, на кои ќе им се исплаќаат по 2.000 денари во период од 5 месеци.
Владата предводена од СДСМ обезбеди финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите на нови и постојни вработени, за зголемување на платите на работниците од 3.000 – 9.000 денари во приватните компании.
– Во следните 5 месеци, пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари месечно. А за истиот период од 5 месеци, предвидена е и финансиска помош од по 2.000 денари за пензионерите со пензии од 14.000 до 16.000 денари и по 1.500 денари за пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари, рече претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски на трибината „Повеќе за сите“ во Аеродром.