Ковачевски: Отворен Балкан е нашата заедничка шанса за подобра иднина и животен стандард за нашите држави и нашите граѓани

од Берта Китинска
105 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска се обрати на официјалното отворање на Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан” во Белград. Саемот се одржува со покровителство на Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија од 1 до 4 септември.

-Денес, ги поврзуваме нашите економии, отвораме нови пазари за нив, нови пласмани, обезбедуваме простор за размена на нови идеи, технологии, пристапи во работата. Отворен Балкан денес покажува што значи интеграција, олеснет пристап, практична примена на политика на отворени врати и на добрососедство.Овој Саем е можност да поставиме нова динамика во регионалните односи и да обезбедиме економски просперитет за нашите граѓани и компании, вели Ковачевски.

Тој кажа дека за прв пат на еден Меѓународен саем за храна, вино и туризам, со поддршка на својата држава, од Северна Македонија присуствуваат претставници на 42 винарии и 3 дестилерии кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни вина и ракии, а ќе присуствуваат и над 10 производители на храна.

-Дали е можно ваков Саем да се направи само во Северна Македонија или само во Албанија или само во Србија. Не е можно. Затоа што олкав број на излагачи е можно само ако го направиме заедно.Денес, сите тие, имаат рамноправна шанса да ги прикажат своите производи на Саемот пред стотици илјади присутни и да остварат пласмани, пазари и контакти со присутните компании, вели Ковачевски.

Покрај виното, на овој саем посетителите имаат можност да пробаат автентична, македонска кујна преку производителите на храна кои што се тука присутни.